Денеска е најтешкиот ден за верниците, бидејќи е денот кога го распнале Исус Христос. Заради тоа, е востановен и постот во петок, како и во среда кога бил предаден. На Велик Петок многу од верниците постат на вода.
Велипеток е денот на Христовите страданија. Тие започнуваат уште ноќта, во Гетсиманија. Затоа гетсиманските настани ги вбројуваме во Велипеток. Тие се случувале доцна во ноќта – по полноќ. Според европското мерење на времето – во петок.
Патем, од собата на Тајната вечера до Гетсиманија, Христос продолжил со Прошталната беседа и ги поучувал апостолите (Јован 15 и 16 глава). За да биде поуката разбрана и запометена, го посочил примерот со лозата и лозовата прачка која дава плод, ако е на лозата, а не кога е отсечена од неа.
И рекол: „Без Мене не можете да направите ништо“, но „ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“, а утехата е во: „Утешителот, Кого што ќе ви Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината…“. „Во светот ќе имате маки; само не бојте се, зашто Јас го победив светот.“
По овие зборови, Христос завршил со поуката и ја започнал Молитвата во Гетсиманија. Страдањата од Велики Петок почнуваат во Гетсиманија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Бигорски манастир