еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Денис Јанкуловски Космонаутко: Желбата да помагам ме води низ животот

За време на пандемијата со Ковид-19, од морето лоши и страшни вести, исплива медицинскиот техничар Денис Јанкуловски, кој децата го прекрстија во Космонаутко. Тој од првите борбени редови во битката со страшниот вирус не бодреше со песна и совети, ни даваше надеж за убаво утро и што е можеби најважно во целата таа навала на лажни вести и теории за заговор за коронавирусот беше еден од тие на кој сите му веруваа.

Во рубриката на еМагазин „На кафе во Кантина“, Јанкуловски за првпат зборува за неговиот приватен живот.

Медицината му е во мислите уште од дете

Благодарение на чичко му и две братучетки, кои работеле во здравството, за медицината размислувал уште од дете.

“Кога ги гледав нив се гледав себе си пораснат. Сакав да работам во судска медицина, да ги откривам причините за нечија смрт, дали е труење, убиство или природна смрт, да го најдам изворот, одговорот„, раскажува тој.

Пораснал со татко кој бил санитарен инспектор и мајка сметководител и е единец.

„Понекогаш ме обземаше самотија, бидејќи немав ни брат, ни сестра, но имав многу убаво детство, а со многу од другарите од тоа време, кои останаа во Македонија, до ден денеска сум во контакт“, вели тој.

Освен медицината многу го интересирале, а и се уште е така, музиката и филмот.

„Музиката ми е крвоток. Ако некој сака ефикасно да ме казни, ќе го направи тоа со нејзино укинување. Сакав да бидам и диџеј. Пуштав музика по родендени на другари„, раскажува тој.

Логично завршува средно медицинско училишта, но копјата ќе се кршат кога ќе дојде време за на факултет.

Актерството прва љубов

Вели дека прва љубов сепак му е глумата, сакал да стане и актер, но бидејќи не секоја година поради програмата можеш да се запишеш на Факултетот за драмска уметност, за да студираш за актер, образованието го продолжува на Медицинскиот факултет.

„Убаво тргна, ама студирањето се развлече, почнаа да се случуваат и други работи во мојот живот, а секако бев и неодговорен, па си реков кога јас ќе работам во судска медицина, на 60 години? Решив да прекинам со медицина, па по четири години студирање се запишав на психологија.

Не го завршив и тој факултет, останав таму две години“, вели тој.

На крај сепак првото работно искуство ќе му биде медицински техничар, што е негова професија и денеска.

“Не планирам да ја менувам професијата. Конечно добив можност да можам конкретно да им помагам на другите, желба која ја имам отсекогаш“, вели тој.

Се плашев од првиот до последниот ден

Најпрво работи во социјална медицина, во делот за статистика, но тоа не е место за неговиот дух, потоа административна работа на шалтер во микробиологија, а на крај ќе стане техничар во епидемиологија во Центарот за јавно здравје.

Со појавата на страшниот вирус ја добива шансата вистински да помогне.

„За коронавирусот никој ништо не знаеше, а сликите кои доаѓаа од Кина и Италија не исплашија сите“, вели тој.

Станува дел од трите екипи со шест колеги кои земаат брисеви и за првпат ќе мора да го облече скафандерот, да го стави визирот, очилата, неколку пара ракавици…

“Нормално дека се плашев. Никој ништо не знаеше на почеток. Се плашев до последниот ден на терен. За себе, за семејството, за другите околу мене…

Колку да внимаваш и се да направиш по протоколот опасноста постојано те демне“, вели тој и се шегува дека сопругата дома го пречекувала со прскање со разни спрејови за заштита.

„Кога ќе се вратев дома, ќе ручавме заедно, понекогаш и сам по што настануваше молк, а по некое време поради хроничниот умор одев во кревет и од утре повторно по истата шема од сабајле.

Работно време немав, а понекогаш во еден ден поминував и километража како од Скопје до Охрид.

Многу сум благодарен на моето семејство што имаа целосно разбирање за мојата работа и за можните последици од неа. Благодарен сум и за тоа што веруваа во мене и дека не се плашеа за својата сигурност, свесни што може да се случи„, вели тој.

Официјално како што вели не се заразил, ниту пак имал некакви симптоми, но се сомнева дека можеби го прележал вирусот „на нога“.

Како стана Косомонаутко

За време на пандемијата ќе земе од 12 до 13 илјади брисеви и ќе се најде во најразлични ситуации, од позитивни до негативни.

Не само на пензионерите, ќе им стане омилен и на децата. Рака на срце сите почувствуваме колку е непријатно земањето брис, а можете да замислите како на тоа реагираа децата.

„Мамо дојде космонаут да ми земе брис, рече дете кога заѕвонив на врата на едно семејство. Тој ми беше кумот“, раскажува Јанкуловски за прекарот по кој стана препознатлив во јавноста и омилен кај децата, кои цртаа и цртежи со него, а со него ќе ги споделуваат и чоколадите и било што им е на дофат.

“Морав да се сетирам за да ги надминам емоциите кои ме преплавуваа во најразличните ситуации“, раскажува тој.

На дедо ќе му пее песни од Бјело дугме, но ќе зема и брисови во семејства кои пред само неколку дена загубиле по неколку членови на семејството.

“Јас сум само обичен човек, нормално е дека е тешко да се справиш со емоциите во сите тие, понекогаш, многу тешки ситуации. За среќа си го најдов својот модел за да можам да се справам со се и да можам навечер мирно да спијам, оти утре е нов ден, нови семејства за брис…“, вели тој.

Пред да почне земањето брисеви на неколку пунктови низ Скопје, на терен ќе остане и сам, но неговата битка со вирусот не завршува. Ќе стане дел и тимовите кои го спроведоа процесот на вакцинација, а потоа е вклучен и во скринингот на училиштата.

За својата посветеност и професионалност ќе добие и неколку награди: во 2020 година, „Европеец на годината“, следната „Филантроп на годината“, лани државната награда за човекови права „Мето Јовановски“, а годинава наградата „Најдобар НВО настан Играме заедно“ за 2022 година.

Хуманата мисија продолжува

Пандемијата заврши (иако се уште не официјално), но хуманата мисија на Јанкуловски, кого желбата да помага го води низ животот продолжува.

Во 2018 година на негова инцијатива се формира здружението “Аутизам ААМК“, чија основна цел е да им се помогне на лицата со атипичен развој на различни нивоа.

Неговите активности и на сите други членови се на волонтерска основа, а благодарение на спонзори успеваат да организираат бројни настани и хуманитарни акции за инклузија на овие лица.

„Сите сме ние исти, само треба убаво да се запознаеме. Позната ми е таа самотија што ја чувствуваат овие лица, повлечени, невидливи и тивки, кои не ретко се дискриминирани и неприфатени од општеството.

И на нив им треба дружба, како и на секој од нас. Тие се тука, и тие знаат и умеат, само треба да им дадеме шанса.

Во овие активности, како и во медицинските, имам можност да бидам вистинскиот Јанкуловски. Да дадам…“, вели тој.

До колку е посветен на оваа хумана мисија зборува и фактот дека двапати својот роденден го славел со деца со атипичен развој, на кои тој им делел подароци.

“Оваа ќе го работам цел живот, додека можам. Има многу работа, многу парцијални решенија кои не ги решаваат работите, стереотипи и предрасуди кои треба да се рушат“, вели тој.

Мојата сопруга е кралица

Неговата сопруга Билјана, која е наставник ја нарекува кралица.

„Ја викам кралица зошто ме издржува таков каков што сум. Пресреќен сум што ја имам до мене. Секогаш има разбирање за се, вистински се грижи за целото семејство, таа е столбот. И мајка и татко и набавувач и одржувач…

Исти сме во ставовите за помагањето, како грне и капаче сме, се надополнуваме„, вели тој.

Имаат две деца, Петар (26) и Стефан (21).

И двајцата се посветиле на изучување на англискиот јазик, преведувачка насока.

“Се гордеам со своите деца. Убаво е кога други ќе ти кажат колку прекрасно воспитани и културни деца имаш„, вели тој.

Фото: Ивана Кузмановска/приватна архива Јанкуловски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Никој нема да одговара за бегството на Сашо Мијалков, одлучи Обвинителство

Редакција

Украина: Преговорите се тешки, руската страна е крајно пристрасна

Редакција

Македонија се задолжи за нови 700 милиони евра преку еврообврзница

Редакција