Државната изборна комисија (ДИК) на 41-та седница ги одби како несоновани доставените приговори од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива поради тоа што не биле поткрепени со соодветни факти и докази за наводите.
ДИК одлучуваше по поднесени приговори од подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето за Општина Дебар.
ДИК соопшти дека во однос на двата приговора кои се однесуваат на нарушување на принципот на тајно гласање, тие се одбиени поради тоа што не ги исполнуваат условите од член 151 став 1, алинеја 2 од Изборниот законик, бидејќи не е загрозена тајноста на гласање на другите лица и согласно став 3 од истиот член, резултатот од ова избирачко место не влијае врз вкупните резултати.
–Во прилог на приговорите не беше доставен соодветен доказ за наводите кои беа наведени во нив, а во Записникот бр.16 за секое избирачко место кое е предмет на приговор, немаше забелешка од ниту еден член од избирачките одбори, ниту од овластените претставници од подносителите на листите (согласно член 116 став 3 од Изборниот законик), кое исто беше утврдено по повеќекратните проверки и увид во записниците од страна на Државната изборна комисија, кои уредно беа потпишани од целиот состав на Избирачкиот одбор, информира ДИК.
По однос на останатите приговори Државната изборна комисија констатираше дека најпрво подносителот на приговорот не го искористил правото и можноста која е дадена согласно Изборниот законик да се постапува во случај на евентуални нерегуларности во изборниот процес, да се стават свои забелешки за евентуални неправилности доколку биле евидентирани преку своите овластени претставници во записниците на избирачките одбори или општинските изборни комисии, како за постапката за гласање така и за сумирање и утврдување на резултатите, додека, пак, по извршениот увид во целокупниот избирчаки материјал во избирачките места наведени во приговорите, по барање на член на Комисијата на Државната изборна комисија, согласно член 147 став 10 од Изборниот законик, се утврди дека податоците целосно се совпаѓаат согласно податоците наведени во Записникот бр.16, гласачките ливчиња во гласачката кутија, потпишаните лица во изводите од Избирачкиот список и извештајот од уредот за биометриска идентификација на гласачите.
Исто така, Државната изборна комисија констатира дека подносителот не постапил и согласно член 117 став 6, каде е наведено дека доколку забелешките на претставниците на подносителите на листите не се евидентирани во записникот, тие имаат право да ги достават до општинската изборна комисија во рок од пет часа од составувањето на записникот и забелешките согласно одредбите од член 116 став (3) да бидат основа за приговор, наведува ДИК.
По однос на приговорот во кој беше наведено дека во неколку избирачки места е направено кршење на постапката на предавање на доверливиот изборен материјал, на начин што вреќите во кои се ставани гласачките ливчиња не биле пломбирани со сигурносна лента од страна на Избирачките одбори, приговорот е одбиен бидејќи, како што посочува ДИК – „иако е утврдена таквата фактичката состојба, станува збор за формален пропуст, затоа што наводот се однесува за постапката при транспорт на изборниот материјал, односно наводите не се однесуваат конкретно по постапката за гласање или за сумирање и утврдување на резултатите, по кои немаат никаква забелешка членовите на избирачкиот одбор ниту, пак, овластените претставници“.
-Дополнително, на ова поради таквиот пропсут Државната изборна комисија од проверката на изборниот материјал не утврди никакви недостатоци и неправилности во самиот изборен материјал.
Имено, по овој приговор беше направен увид во изборниот материјал согласно член 147 став (10), (11) и (12) од Изборниот законик и беше утврдено следното:– согласно став (10) податоците од изборниот материјал целосно се совпаѓаат и согласно став (11) и (12) од истиот член за споредување на податоци на отпечатоци од прсти за избирачките места по кои беше побарано и ги исполнуваа законските услови за ваква проверка, Државната изборна комисија ја спроведе техничката проверка и врз основа на прибавениот извештај утврди дека нема дупло совпаѓање на податоците од соодвтните избирачки места со референтните податоци од базата на избирачкиот список (согласно член 147 став 11), а кое нешто помеѓу останатото укажува и дека техничката опрема за биометриска идентификација на гласачите е функционална и по овој основ и намена, наведува во соопштение Државната изборна комисија.
Фото: МИА