еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

ДИК ги врачи уверенијата за новите пратеници: Не ги подигнаа само ДПА, Алијанса за Албанците и Левица

На свечена седница денеска претседателот на Државна изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски ги додели уверенијата на пратениците во новиот собраниски состав од изборите одржани на 15 јули.

Освен Левица, ДПА и Алијанса за Албанците, сите други ги подигнаа уверенијата за пратеници.

Во името на Демократска унија за интеграција (ДУИ) денеска уверенијата ги подигна нивниот претставник, Фитин Лога, кој на сите пратеници им посака успешна работа истакнувајќи дека изборниот процес поминал во ред и без никакви забелешки.

„Јас како овластен претставник на ДУИ денеска ги подигам уверенијата за сите наши пратеници од изборите одржани на 15 јули. На сите им посакувам успешна работа. Изборниот процес беше во ред, ние немавме никакви забелешки, така што на сите пратеници им честитам,“ изјави Лога.

Овластениот претставник од Коалиција на СДСМ, „Можеме“, Бранко Георгиевски ги подигна уверенијата на пратениците од оваа Коалиција и се заблагодари на сите што учествуваа во овој изборен процес.

„Конечно дојдовме и до денот кога денеска веројатно јас не следев, но по моите сознанија ДИК прогласи конечност на резултатите. Поради пандемијата одлучивме на ваков начин да ги подигнеме уверенијата на коалицијата „Можеме“.

Благодарам на сите што учествуваа во овој изборен процес, на ДИК и на сите органи и секако и вас медиумите. Ви благодарам на сите и благодарност уште еднаш до ДИК и на сите учесници во изборниот процес,“ истакна Георгиевски.

Дерковски поединечно им подели уверенија на ВМРО-ДПМНЕ од „Обнова на Македонија“ на по еден претставник од изборните единици, и им посака успешна работа, а партискиот генерален секретар Игор Јанушев ги подигна за останатите.

„Само што ги подигнавме уверенијата. Очекуваме дека во следниот период, а секако во законски предвидените рокови дека ќе не повикаат и на конститутивната седница на Собранието.

Би сакал уште еднаш да се заблагодарам на буквално сите во Република Македонија коишто го дадоа својот глас за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за „Обнова на Македонија“.

Она што имавме прилика да го видиме на изборите е дека и покрај сите неправилности, поткупи и се она што се случуваше особено во текот на пред кампањата и во кампањата дека сепак опозициските партии успеаја да освојат повеќе гласови од владејачката структура,“ истакна Јанушев по подигнувањето на уверенијата.

Прашан што мисли за шпекулациите дека СДСМ се обидува да поткупи пратеници, Јанушев одговори дека она што се обидува да се направи во моментов е само „одработување исклучително за Заев и за никој друг“.

Во однос на прашањето за процесите околу формирање Влада, Јанушев истакна дека една од варијантите е ВМРО-ДПМНЕ да формира влада и рече дека барем во овој период оние неформални средби и контакти се одвиваат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ДИК ги објави конечните резултати: СДСМ 46, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15 АА 12, Левица 2 и ДПА 1 мандат

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Хезболах повика на одмазада по нападот на болницата во Газа: Денеска да биде „Ден на гневот“

Редакција

Одбиено барањето на сопственикот на „ДоказМ“ за иземање на обвинителот Рајчев

Редакција

Заев: Соработници на фашизмот имавме и во Македонија, не можете да кажете дека сите биле на страната на Партизаните

Редакција