Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлука со која малопродажните цени на бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 не се менуваат, додека малопродажната цена на Еуродизел (Д-Е V) се намалува за 1,50 денари за литар во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 13 септември 2021 година.
РКЕ соопшти дека малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 1 денар за литар, а малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 0,786 денар за килограм и сега ќе изнесува 39,181 денари.
Со денешната одлука, РКЕ ги зголемува малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,25 отсто во однос на Одлуката од 13 септември 2021 година.
– Кај крајната цена на дизелот има намалување како последица на анулирање на дополнителната акциза за дизелот од 2 на 0 денари за литар. Во првите две недели од месецот, заклучно со 15 септември, регистриран е раст на берзанската цена на дизелската фракција која служи како основа за пресметка на малопродажната цена на дизелот.
Растот на берзата е поголем од 600 USD/ton, со што се исполнува условот да не се пресметува дополнителната акциза кај дизел горивото.
Ние ги доставивме овие податоци до Министерството за финансии и Царинската управа, што всушност ни е законска обврска двапати во месецот да ги информираме за движење на берзанските цени на нафтените деривати за да знаат дали се пресметува дополнителната акциза или не, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
Од 21 септември 2021 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат: моторен бензин Еуросупер БС – 95 – 73 денари за литар, моторен бензин Еуросупер БС -98 – 75 денари за литар, дизел гориво Еуродизел БС (Д-Е V) – 62 денари/литар, масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 64 денари за литар и мазут М-1 НС ќе изнесува 39,181 денари за килограм.
РКЕ во соопштението посочува дека во изминатиот седумдневен период референтни цени на светските берзи во просек бележат намалување: бензинот за 1,160 процент, дизелот зголемување за 3,228 проценти, кај екстра лесното масло за 3,131 отсто и кај мазутот има зголемување за 1,992 отсто. Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е повисок за 0,586 отсто.