Кризната состојба во КПД „Идризово“ ќе трае 30 дена до 5 јули и таа е воведена согласно процедурите, како резултат на потребата од соодветен човечки потенцијал задолжен за чување и обезбедување на затворот, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Таа нагласи дека при прогласувањето на кризната состојба се запазени сите процедури, согласно предлог на Групата за проценка за потребата од прогласување кризна состојба во затворот.
– Во овој случај полицијата и мал број на припадници на Армијата, кои се во поддршка на припадниците на МВР, се ангажирани со цел да можат да се справат со состојбата, односно да не се дозволи евентуално ескалирање или нарушување на безбедноста на државата.
Како институции, како министри, сите ние имаме обврска работите да ги превенираме односно да ги искористиме сите механизми кои ни стојат на располагање да не дојде до влошување на одреден состојби, изјави Петровска во Штип по презентацијата на новите лесни оклопни возила од опремата на Армијата во Касарната „Јане Сандански“.
Таа додаде дека од директорот на Управата за извршување на санкции е информирана дека е започната постапката за вработување на кадри во затворската чуварска служба, истакнувајќи дека припадници на Армијата ќе бидат ангажирани во обезбедување на затворот се додека се смета дека е потребно.
МИА/Фото: АРМ