Министерот за економија Крешник Бектеши, на денешниот брифинг со новинарите истакна дека Владата донела одлука за привремена забрана за извоз на масло за јадење, бидејќи побарувачката за овој производ е огромна.
Бектеши додаде дека од почетокот на март до вчера, од земјата биле извезени 330 тони масло, а тоа најмногу се должело на побарувачките од земјите од регионот и Европа.
Војната во Украина, која воедно е најголем извозник на сончогледово масло, предизвика криза во однос на достапноста на овој производ, па оттука и зголемената побарувачка.
Најголем дел од увозното сончогледово масло во државата доаѓа од Бугарија, која исто така набавува од Украина.
Во насока на обезбедување на доволни количини на масло за јадење на пазарот, Бектеши најави две мерки кои ќе бидат преземени од страна на Владата, субвенционирање на производство на сончогледово масло, како и укинување на царините за увоз на масло од сите држави.
„Согласно договорите со ЦЕФТА, во Македонија до сега се увезуваше масло со нула проценти царина само од државите членки на ЦЕФТА, а царината за увоз на масло од сите останати држави е 29 отсто.
Со владината одлука која ја подготвуваме за во вторник, ќе се укине царината за увоз на масло за сите држави. На тој начин сакаме да ја зголемиме конкуренцијата, со што ќе се влијае и на цената,“ рече Бектеши.
Забраната за извоз на зејтин е времена, за една или до две недели, во зависност од движењата на пазарот.
Се прават анализи истата мерка да се примени и за пченицата, пченката и брашното, за кои има огромни побарувања од европските и земјите од регионот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Лебот, сончогледовото масло за јадење и брашното ќе се продаваат по набавна цена
Фото: Unsplash