Владата на денешната 35-та седница донесе измени и дополнувања на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година, и донесе Уредба за изменување и дополнување на уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2020 година, соопшти владината прес-служба.
Со дополнувањата на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2020 година и со Уредбата за изменување и дополнување на уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2020 година се определи нова подмерка за предадено винско грозје во регистрирани капацитети и се врши зголемување на висината на финансиската поддршка за подмерката за ориз без сертифициран семенски материјал.
Со новата подмерка за предадено винско грозје во регистрирани капацитети се врши дополнување на подмерката која беше претходно прифатена, за 2 денари по килограм винско гројзе со цел за да може и малите земјоделски стопанства кои се корисници на подмерката да аплицираат и да бидат опфатени, и како останатите лозари, со финансиската поддршка од 2 денари по килограм.
Дополнително, поради неможноста сите земјоделски стопанства да обезбедат сертифициран семенски материјал направена е измена со која ќе можат да аплицираат и земјоделските стопанства без сертифициран семенски материјал, со што на производителите на ориз им се зголемува висината на поддршка поради финансиските штети кои ги имаат добиено од ковид пандемијата.