На состаноци со угостителите се работи на разјаснување и поправање на протоколите со цел да се олесни работата на носителите на оваа дејност и да се заштитат граѓаните. Од повторното отворање на угостителските објекти во четвртокот минатата недела досега Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) изрекол 856 опомени и поднел 26 кривични пријави во врска со спроведувањето на протоколите за работа. При контролите е утврдено и дека дел од тие кои почнале со работа во летните тераси се нерегистрирани и по тој основ за 41 субјект се изречени прекршочни пријави и се издадени платни налози.
Директорот на ДПИ, Стојко Пауновски денеска упати апел да се почитуваат протоколите за да нема повторно затворање на угостителските објекти и најави олеснување на протоколите таму каде што може.
-Апелираме за да нема на оние коишто повторно и понатаму ќе ги прекршуваат протоколите не сакаме после 2,5 месечно затворени угостителски објекти повторно да прибегнуваме кон мерката на затворање на оние коишто немаат воопшто да ги почитуваат протоколите.
Сите овие протоколи коишто ги носи Комисијата за здравство и Владата на нашата држава верувајте се, пред се, за заштита на оние коишто го организираат самото угостителство, за заштита на здравјето на оние коишто ги посетуваат угостителските објекти и сите оние протоколи коишто се пропишани не се баук за да истите не може и да се применуваат. Ништо не е тешко ако нешто сакаме и да го спроведеме бидејќи се работи за здравјето на сите во нашата држава, рече на прес-конференција Пауновски.
Потенцираше дека на состаноци со угостителите се работи на разјаснување и поправање на протоколите со цел да се олесни работата на угостителите и да се заштитат граѓаните.
– Во изминатиот период од воведувањето и ослободувањето на угостителите да ја вршат својата дејност во неколку наврати имавме состаноци со претставници на угостителите да ги разјасниме и поправиме протоколите онаму каде што може од наша страна, онаму каде што ДПИ не може да изврши надзор над нив заедно преку Министерството за економија кое што е надлежно за работата на ДПИ доставуваме до Комисијата за здравство и до Владата тие протоколи во некој вид да бидат измените со цел да им олесниме на угостителите да ја обавуваат својата дејност, меѓутоа да можеме и да ги заштитуваме граѓаните кои ги посетуваат тие објекти, нагласи Пауновски.
Одговарајќи на новинарско прашање истакна дека таму каде може ќе има олеснување на протоколите.
– Ако совеста и свеста на граѓаните и угостителите биде на завидно ниво сите мерки и протоколи во најбрз можен рок ќе претрпат измени и ќе можеме сите слободно да одиме во кафеани и ресторани, нагласи Пауновски.
Тој најави дека инспекциските органи и понатаму ќе бидат на терен, потсетувајќи дека тие преку ден вршат контроли и од областа на трговијата за почитување на уредбите за највисоки цени и придржување кон обезбедување маски за вработените и за поголемите објекти – маркетите да не примаат граѓани кои нема да бидат заштитени со маски.
-Она што е најбитно совеста и на угостителите и на граѓаните да биде на повисоко ниво. Оние протоколи коишто се за држење на социјална дистанца од една до друга група од по двајца коишто се во угостителските објекти нека бидат запазени барем овие денови додека се соочуваме кога сите држави ги намалуваат и воопшто немаат позитивни случаи на коронавирусот да не дојде само кај нашата држава дека има зголемување, предупреди Пауновски.
Протоколите, нагласи, се за доброто на сите нас и за оние коишто организираат работа во угостителските објекти и за оние кои ги посетуваат.
-Посебно е добар гестот на сите оние кои ги применуават протоколите, а такви се огромен број на угостители. Само еден мал дел го нарушуваат добриот изглед и на државата и на институциите и на сите угостители. Затоа тука сме ние да преземаме и поригорозни мерки за и тие луѓе коишто ги организираат овие угостителски дејности на погрешен начин на некој начин да ги спречиме, појасни Пауновски.
МИА/Фото: Влада
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Само 24 од 2.184 контролирани угостителски објекти не ги почитувале одлуките на Владата
Угостителските објекти се речиси празни, слабо гости и работа