еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Ќе остане ли Мицкоски претседател: Инцијативниот одбор свика Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март

Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски, информираат од Иницијативниот одбор.

„Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување на меѓународна поддршка.

Делегатите сметаат дека е недозволиво претседателот на кој што му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг.

Затоа иницијативниот одбор одлучи, со поддршка на мнозинството членови да свика седница на Конгресот надвор од редовниот термин.

Иницијативниот одбор одлучи да го закаже 17-от Вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28-ми март во Скопје.

Во наредните денови, Иницијативниот одбор ќе ги формира телата за спроведување на конгресот, ќе го промовира слоганот и ќе отпочне со дистрибуција на покани и материјали за делегатите.

Отчет за сработеното од страна на актуелниот претседател и гласање на доверба е една од приоритетните точки на дискусија.

Иницијативниот одбор ги повикува сите заинтересирани кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ да достават апликации заедно со план за нивно делување.

Ниту времињата се редовни, ниту ситуацијата во која се наоѓа партијата и државата се редовни, така што неминовно се наметнува потребата од вонреден конгрес.

ВМРО-ДПМНЕ секогаш била столб кој ја штител Македонија и интересите на граѓаните кои живеат во земјава.

ВМРО-ДПМНЕ со се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски е руинирана до непрепознатливост. Партијата е поделена, раскарана, нема капацитет за коалицирање и нема поддршка од стратешките западни партнери.

Неговото бегање од одговорност и од заземање на ставови по сите важни прашања резултираше со низа последователни порази на парламентарните, претседателските и локалните избори во Охрид, Штип и Ново Село.

Христијан Мицкоски нема капацитет да ја води партијата и тоа го препознаваат граѓаните.

Тој нема поддршка ниту од членството, а уште помалку од неутралната јавност. Затоа и граѓаните најголемата поддршка во опозицијата му ја даваат на Димитар Апасиев, иако води мала и антизападно ориентирана партија, а Мицкоски е само втор во опозиција и политичар со рекордно висок негативен рејтинг.

ВМРО-ДПМНЕ не може да си го дозволи тој луксуз и да ги трпи последиците од лошото работење на Мицкоски уште десет месеци до редовниот конгрес. ВМРО-ДПМНЕ не може да си го дозволи луксузот да загуби уште едни избори само за да биде задоволена суетата и алчноста на Мицкоски.

Доколку Мицкоски и мисли добро на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш ќе се повлече од функцијата и ќе го поддржи одржувањето на Вонреден 17-ти Конгрес.

Доколку смета дека направил барем една добра работа за партијата и државата во овие три години, ќе излезе и ќе ја побара поддршката од делегатите на вонредниот конгрес. Само на тој начин партијата ќе влезе обединета и со нова енергија на локалните избори на есен.

Секој обид да се избегне отчетот пред делегатите кои го избрале е мајтапење со членството и купување на време за лично богатење на грбот на партијата“, велат од Иницијативниот одбор.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од ДУИ молк за застрелувањето на Ваљон Беља

Редакција

„Што ми мењава смената на Кирацовски мене кога на платформата на Матка влакно не и фали“: Твитер се „збогува“ со Кирац

Редакција

Каков имот пријавил Ангеле Сотировски, директорот на „Паркови и зеленило“, кој поднесе оставка

Редакција