Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу на денешната прес-конференција во Владата информира дека за период од една година ќе биде завршен процесот за формирање на Агенцијата за дигитализација, чиј еден од столбовите ќе биде кибер безбедноста.
– Кибер безбедноста е предизвик за цел свет. Колку што сме дигитализирани, толку повеќе можности имаме да бидеме изложени на кибер напади. Идејата на Агенцијата за дигитализација е таа, да биде чадор за целата држава во која што освен инфраструктура, софтверски решенија, еден од главните столбови е кибер безбедноста. За жал, уште сме далеку од таа реализација. Се очекува за пет-шест месеци до една година да ја имаме таа Агенција, рече Алиу.
Министерот одговарајќи на новинарско прашање истакна дека моментално државните институции се и цел на кибер напади, при што од страна на институциите се прави максимумот за да бидеме безбедни во овој период.
– Моментално состојбата со државните институции е како што е во цел свет. Имаме напади, но се справуваме на ниво на институции. Кога ќе имаме таков тип на институција како Агенција за дигитализација, ќе ги имаме најдобрите експерти на едно место и полесно ќе се обезбеди тој пристап до информации во кои што се лоцирани, а кои што не се информации што треба да пенетрираат во самиот процес. Таков тип на каскаден систем ќе обезбеди Агенцијата. Максимумот ќе прави од институциите да бидеме колку-толку безбедни во овој период, рече Алиу.
МИА