Владата на денешната седница на предлог на Министерството за здравство ја разгледа и усвои Информацијата за вакцинацијата против коронавирусот, и задолжи неколку институции да изготват акциски планови и стандардни оперативни процедури за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против Ковид-19.
„Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Царинската управа и Министерството за здравство во рок од 7 (седум) работни дена да изготват и до Министерството за здравство да достават сопствени акциски планови (активност, надлежна внатрешна организациона единица, овластено лице/овластени лица, рокови) и стандардни оперативни процедури (СОП) за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините против Ковид-19, согласно нивната надлежност и нивната улога во спроведувањето на Националниот план за вакцинација против Ковид-19“, се наведува во соопштението од владината седница.
Во врска со оваа информација, Владата му препорачува на „ТАВ Македонија“ ДООЕЛ Скопје во рок од седум работни дена да изготви и до Министерството за здравство да достави сопствен акциски план и стандардни оперативни процедури за прием, физичко обезбедување, чување, дистрибуција и аплицирање на вакцините.
„Министерството за финансии и Бирото за јавни набавки, во соработка со Министерството за здравство, во рок од најдоцна 5 (пет) дена треба да изготват Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки со што ќе се овозможи плаќање на аванс поголем од 20 отсто од цената и ослободување од обврската за обезбедување банкарска гаранција за авансно плаќање во постапките за јавни набавки директно поврзани со справувањето со епидемии и пандемии на заразни болести“, се истакнува во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче: Бугарија ќе ни донира вакцини против Ковид-19