еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Европската комисијата појасни зошто Македонија не доби пари од Солидарниот фонд: Државата не направила доволно расходи

Откако беше објавено дека земјава нема да добие средства од пакетот финансиска помош, од околу 530 милиони евра како дополнителна поддршка во рамките на Солидарниот фонд на ЕУ, од Европската комисија (ЕК) за МИА појаснија зошто Северна Македонија е единствена земја што не доби парче од колачот на Солидарниот фонд за пандемијата.

Од портпаролската служба на Европската комисија за МИА детално ги образложија условите за аплицирање за помош од Солидарниот фонд на ЕУ. Како што пренесоа и македонските институции, помошта од овој Фонд се активираше минатата година поради здравствената криза од Ковид-19, со услов товарот од кризата врз буџетот да изнесува над 0,3 отсто од бруто националниот приход.

Рокот за пријавување бил 24 јуни 2020, а Фондот бил отворен за земјите-членки и четирите земји кои имаат зелено светло за преговори со ЕУ или веќе преговараат со ЕУ, односно Србија, Црна Гора, Албанија и Северна Македонија.

Службите на Европската комисија, велат оттаму, внимателно ги разгледале барањата за да утврдат дали ги исполнуваат условите, дали се веродостојни пријавените расходи како и директната поврзаност со здравствената криза.

– Што се однесува до Солидарниот фонд, Комисијата и Северна Македонија беа во контакт минатата година, но Северна Македонија ја информираше Комисијата дека во тој момент нема доволно расходи да пријави за да го постигне прагот предвиден од страна на регулативата на Солидарниот фонд, велат официјално од ЕК.

Сепак оттаму нагласуваат дека од почетокот на кризата дадена и е значајна помош на Северна Македонија за борбата против Ковид-19.

– Комисијата даде 226 милиони за да ги покрие медицинските опреми, да ги поддржи ранливите групи, бизнисите и невработените, како и макрофинансиска асистенција, нагласуваат од ЕК и дополнуваат дека земјава може да смета и на дел од достапните 70 милиони евра за Западниот Балкан како девет милијарди од Економскиот и инвестициски план на Европската комисија за регионот.

И според Секретаријатот за европски прашања (СЕП), причината што Северна Македонија е изоставена од помошта е поради тоа што во првиот бран од здравствената криза, земјата не направила доволно расходи за да се квалификува за помош преку Фондот за солидарност на ЕУ (ФСЕУ).

– Поддршката од ФСЕУ беше условена со оптоварување врз јавните финансии со минимален праг од 1,5 милијарди евра (цени од 2011 год.) или 0,3 отсто од бруто националниот доход (БНД) на потенцијалната земја апликант.

Во апсолутни бројки, во случајот на Северна Македонија овој праг изнесуваше 30.852.000 евра и истиот не беше достигнат, со оглед на тоа дека износот на пријавените итни трошоци од институции/општини изнесуваше 7.670.831 евра, соопшти СЕП.

СЕП во соопштението наведе дека поради квалитетното и навремено менаџирање на државните финансии во здравствениот сектор, како и поради брзата и ефикасна организација на државните институции кога беше обезбедена голема количина на донации во борбата со Ковид-19 (заштитни средства, маски, медицинска опрема, респиратори, итн) кои не предизвикаа дополнителни расходи за овие потреби, минимумот кој беше проектиран од страна на ЕУ за користење средства од Фондот за солидарност не беше постигнат.

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров исто така појасни дека во мај минатата година СЕП доставил информација до Владата со барање сите институции да ги пријават сите трошоци поврзани со здравствените аспекти на пандемијата.

– Нашите институции, сите заедно, пријавиле дека вкупно потрошиле под осум милиони евра со што не сме го исполниле условот за помош преку овој механизам. Рокот за аплицирање бил на 24 јуни минатата година, појасни Димитров.

Претседателот Стево Пендаровски истакна дека помошта од ЕУ за справување со последиците од коронавирусот од Солидарниот фонд е за оние држави кои имале штета над 30 милиони евра во одреден период, додека нашата држава до тогаш имала штета од нешто од 7 милиони.

Тој додаде дека во тој момент, откако биле собрани апликациите за штета, од сите општини, било заклучено дека сме „кратки“ во тој дел. Во бројки штетата претпоставена требало да биде над 30 милиони евра. Како што рече Пендаровски, ние сме биле некаде во штета од 7,5 милиони евра, и со тоа не сме можеле да поднесеме апликација.

– Станува збор за поинаква фактичка состојба. Станува збор за процес кој е отворен пролетта, и имал рок до средината на летото да се аплицира, со предуслови. Ако веруваме на фактографијата на нашите органи и институции, а јас им верувам, во кои велат дека постоеле долни прагови за општа штета која пандемијата ја предизвикала, рече Пендаровски.

За тоа што земјава не доби пари од Солидарниот фонд на ЕУ се реакција се огласи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Македонија ја нема меѓу овие земји. Македонија, како што почнуваат да излегуваат работите, како да не аплицилара за средства од Солидарниот фонд? А и да аплицилирала, зарем би и дале европски пари на земја која се најде на црна листа, земја чиј премиер и министер сакале поради провизии да го излажат официјален Пекинг, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додадоа дека премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче со тоа ги „загрозиле здравјето и животот на граѓаните“ и дека „првиот бран поминал без заштитна лична опрема, вториот бран без медикаменти и болнички кревети, а третиот бран без вакцини“.

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен на Твитер ги објави земјите кои се опфатени со овој пакет. На листата се 17 земји од ЕУ и три држави кандидати – Србија, Црна Гора и Албанија.

– Помошта е за да се ​​покријат трошоците за медицинска и заштитна опрема, итна помош, превенција, следење и контрола на ширењето на болеста, напиша Фон дер Лајен.

Од пакетот вреден 529.347.741 евра, Србија треба да добие речиси 11,968,276 евра, Црна Гора 199,505 евра, а Албанија 905,271 евра.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонија нема да добие помош од Солидарниот фонд на ЕУ

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Русија соопшти дека ги исполнила првичните цели на инвазијата врз Украина

Редакција

Која е Лидија Неделкова, врховната судијка која ја разреши Судскиот совет

Редакција

(ВИДЕО) Морничави сцени од Италија: Коронавирусот ги испразни улиците

Редакција