Северна Македонија, Албанија и Србија ќе промовираат сопствена зона за слободно движење и бизнис, соочени со одложување на членството во ЕУ, оценува лондонски „Фајненшал тајмс“ во анализата посветена на денешниот Економски форум во Скопје.
– Лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија го критикуваат Брисел поради бавното темпо на проширување на ЕУ, најавувајќи дека ќе формираат своја сопствена зона за слободно движење и бизнис, додека чекаат прием во блокот, наведува весникот.
„Фајненшал тајмс“ пренесува изјава на премиерот Зоран Заев, кој посочува дека „треба да видиме што можеме да направиме самите за себе, што можеме да направиме за нашите луѓе и како можеме да ги прошириме нашите пазари“.
– Треба да ги забрзаме практичните придобивки за нашите граѓани, вели Заев во изјавата што ја пренесува лондонскиот весник, притоа нагласувајќи го неговиот став дека земјите во регионот се фрустрирани затоа што ЕУ не ги исполнува своите ветувања.
Весникот пренесува и изјава на српскиот претседател Алекснадар Вучиќ дека земјите вo регионот се свесни оти „има замор од проширувањето во ЕУ“, како и ставот на албанкиот премер Еди Рама, кој однесувањето на Брисел „го спореди со егзистенцијалистичката драма на Семјуел Бекет, „Чекајќи го Годо“, во која двајца мажи водат серија често апсурдни разговори, додека го очекуваат доаѓањето на некој што никогаш не доаѓа“.
– Балканскиот „мини-Шенген“ по примерот на договорот за слободно движење во ЕУ, официјално ќе биде претставена денеска. Тој ќе вклучува постепено олеснување на ограничувањата за преминување и побрзи „зелени ленти“ на границите, намалено време на чекање за превозниците и полесен пристап до работни дозволи, наведува весникот, посочувајќи дека се очекува ваквиот договор да се имплементира до крајот на годината и дека тој останува отворен кон него да се приклучат и Црна Гора, Босна и Херцеговина, како и Косово.
„Фајненшал Тајмс“ потенцира дека регионот се соочи со етнички и верски конфликти и економски кризи по распадот на поранешна Југославија во 1991 година, притоа пренесувајќи изјава на Вучиќ дека Западниот Балкан „повеќе не може да чека ЕУ да го обедини“ и „кога луѓето ќе имаат поголеми плати, ќе размислуваат за подобар живот, а не за сенките од минатото“.
– Овие земји постигнаа значителен напредок во проближувањето кон ЕУ, како што се изборни, судски и економски реформи, но имаат чувство дека официјалниот (евроинтерграциски) пат стана премногу тежок. Целта на „Мини-шенген“ зоната е да се промени наративот во регионот – внатрешно да се намалат етничките тензии, а надворешно да се апелира за членство во ЕУ и повеќе инвестиции, вели Вучиќ.
„Фајненшал Тајмс“ потсетува дека земјава го промени името поради спорот со Грција, по што набрзо стана членка на НАТО и дека сега чека страт на преговорите за членство во ЕУ.
Весникот ја пренесува изјавата на премиерот Заев дека конечна цел на земјава е да стане членка на ЕУ, но дека додека чекаме Унијата да донесе одлука за старт на преговорите „треба да најдеме начини како да продолжи процесот на европеизација“.
Лондонското издание наведува дека Европската комисија, која го води процесот за оценка на напредокот на патот кон членство во ЕУ, соопшти дека ги поддржува напорите на сите шест држави од Западниот Балкан за интегрирање во заеднички регионален пазар, по примерот на единствениот пазар на ЕУ и импементирање на правилата и стандардите на блокот, но дека нема промена во крајната цел – зачленувањето во Унијата.
„Фајненшал Тајмс“ наведува и дека Албанија и Северна Македонија требаше да ги започнат преговорите за членство во ЕУ уште минатата година, но дека Бугарија се уште го блокира тој процес.
– Дури и да ги започнат преговорите, тие се свесни дека политичкото расположение за проширувањето на ЕУ е на многу ниско ниво во блокот, особено во услови кога германската канцеларка Ангела Меркел, која е поддржувач на балканската интеграција, се повлекува од функцијата по изборите во септември.
Тројца балкански лидери истакнуваат дека додека чекаат на ЕУ, добиле целосна поддршка од САД за нивните напори, наведува весникот, притоа пренесувајќи ја изјавата на албанскиот премиер Рама дека денешниот Балкан е „најсјајниот, ако не и единствениот сјаен, пример за американската надворешна политика“, бидејќи „слободите што ги уживаме денес на Балканот“ се пред се заслуга на САД.
„Фајненшал Тајмс“ ги пренесува и предупредувањата на аналитичарите дека во услови кога Северна Македонија е со статусот кандидат за членство во ЕУ 18 години, Србија – девет, а Албанија – седум и како одминува времето, може да се зголеми „привлченоста кон други потенцијални партнери“.
– Покрај Кина и Русија, во регионот, исто така, се активни и Турција и Обединетите Арапски Емирати. Ова треба да ја освести ЕУ дека им остава простор за навлегување на овие земји и да ги преиспита своите постапки, вели соработникот на Институтот за хуманистички науки во Виена, Иван Вејвода.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Заев, Вучиќ и Рама денеска на Економски форум во Скопје: Дебати и договори за поврзан Балкан
Фото: Влада