Краткиот игран филм „Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска во продукција на „Кино око“ е селектиран во Официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал и ќе се натпреварува за наградата Златна палма за најдобар краток филм.
„Ова е историски успех за македонската кинематографија и за „Кино око“, бидејќи прв пат македонски филм е селектиран на најголемиот и најпрестижниот филмски фестивал во светот. Филмот е еден од десетте избрани помеѓу 3.739 пријавени филмови.
Исклучителна е честа да се биде дел од овој врвен светски филмски фестивал и да се претставува македонската кинематографија. Ова е уште еден голем успех во низата успеси на оваа генерација македонски филмаџии и преставува потврда на талентот и креативноста на авторката Марија Апчевска-Петровска,“ изјави продуцентот Роберт Насков.
Филмот е сниман на супер 16 мм филмска лента на локации во Скопје и Македонска Каменица. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев.
Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Билјана Гргур, шминкер Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа и кастинг директор Киријана А. Николоска.
Продуцент на филмот е Роберт Насков и сценарист и режисер е Марија Апчевска-Петровска.
„Северен пол“ е копродукција помеѓу Северна Македонија, Србија и Унгарија.