еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Финансискиот систем во земјава е стабилен и покрај енергетската криза и инфлацијата, велат од Комитетот за финансиска стабилност

Финансискиот систем во земјава е стабилен, и покрај продолжената ескалација на геополитичките тензии создадени со воената инвазија на Русија врз Украина, како и глобалните предизвици поврзани со енергетската криза и високите стапки инфлација.

Сепак, во услови на зголемена неизвесност уште повеќе е нагласена потребата за темелна процена на ризиците, соодветно управување со ризиците и натамошно градење капитал заради обезбедување поголем капацитет на финансиските институции за апсорпција на ризици.

Надлежните регулатори координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да делуваат, да ги приспособуваат политиките во согласност со случувањата и да ја задржат финансиската стабилност којашто е приоритет.

Ова се дел од констатациите од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, на којашто се разгледаа најновите движења во финансискиот сектор.

Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Крсте Шајноски.

Ова е инаку првата седница на Комитетот за финансиска стабилност од носењето на Законот за финансиска стабилност кон крајот на јули годинава. Со овој закон правно се врамува и Комитетот за финансиска стабилност, како меѓуинституционално тело одговорно за следење на спроведувањето на макропрудентната политика во земјава и за координација на активностите при идентификувањето и следењето на системските ризици во одделните сегменти од финансискиот систем и на финансискиот систем во целина при преземањето макропрудентни мерки и подготовката и управувањето со финансиска криза.

Со Законот се предвидува формирање два поткомитета: Поткомитетот за следење на системските ризици и предлагање макропрудентни мерки и Поткомитетот за управување со финансиската криза.

Беше истакнато дека геополитичките тензии од воената инвазија на Русија врз Украина го влошуваат глобалниот амбиент, неповолно делуваат на економските изгледи и создаваат дополнителни притисоци врз цените на светските пазари на примарни производи и врз инфлацијата.

Сево ова доведува до побавно постпандемично закрепнување и продлабочување на енергетската криза, којашто се одразува врз трошоците на живот, што ќе има соодветно влијание и врз активностите и профилот на ризичност во финансискиот сектор.

За таа цел, неопходна е зголемена претпазливост при водењето на политиките, но и јакнење на добрите практики за управувањето со ризиците.

Осврнувајќи се на состојбите во банкарскиот сектор, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека и според најновите податоци заклучно со 30.9.2022 година, капитализираноста и ликвидноста на банкарскиот систем и натаму се на соодветно ниво, обезбедувајќи капацитет на банките за постојана кредитна поддршка на компаниите и домаќинставата, но и за апсорпција на можните неочекувани загуби од нивното работење. Таа истакна дека нефункционалните кредити се задржаа на историски ниско ниво.

„На 30.9.2022 година, стапката на адекватност на капиталот се зголеми за 0,4 процентни поени, до нивото од 17,7%, што претставува максимална вредност забележана во изминатите десет години.

Банкарскиот систем традиционално одржува солиден обем на ликвидни средства, коишто му овозможуваат висока отпорност на шокови, но и капацитет за натамошна кредитна поддршка на реалниот сектор. Сепак, со оглед на ризиците од окружувањето, неопходна е зголемена претпазливост на политиките и јакнење на добрите практики за управувањето со ризиците од страна на банките.

Во вакви услови на висока неизвесност и постепено зголемување на системските ризици, Народната банка презеде мерки со кои превентивно се јакне капиталната сила на домашните банки преку воведувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон Македонија и изложеностите кон други земји.

Состојбите внимателно се следат и доколку се оцени дека е потребно, ќе се преземат и други мерки за задржување на отпорноста и стабилноста на банкарскиот сектор“, рече Ангеловска-Бежоска.

Министерот Бесими истакна дека Министерството за финансии, како институција надлежна за работењето на финансиските и друштвата за лизинг, постојано го следи работењето во овој сегмент.

„Нивното учество во финансискиот систем сè уште е мало, сепак зголемувањето на активата во секторот финансиски друштва за 27,9 % и друштвата за лизинг за 15,4% укажува дека овие друштва имаат постојан раст во финансискиот сектор во земјава, а со тоа потребно е уште повнимателно следење на состојбите во нив“, рече министерот Бесими.

Претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Алити истакна дека и покрај намалените показатели на пазарот на хартии од вредност, споредбено со минатата година, тој е стабилен, без поголеми ценовни осцилации, a Комисијата за хартии од вредност и натаму се грижи овој сегмент на финансискиот систем да функционира непрекинато и без нарушување.

Претседателот на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ‒ МАПАС, Али, истакна дека тековните глобални состојби како пандемијата, енергетската криза, воениот конфликт, порастот на стапката на инфлација и движењата на финансиските пазари се препознаени како од МАПАС, како регулатор и супервизор, така и од пензиските друштва како носители на процесот на инвестирање, односно управување со средствата на пензиските фондови.

„Имајќи предвид дека пензиското штедење е штедење на долг рок и најголемиот дел од членовите во пензиските фондови во просек се млади, очекувањата и проценките се дека и оваа криза, како и претходните, е само еден периодичен циклус од долгорочниот период на инвестирање на средствата на пензиските фондови“, истакна Али.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Крсте Шајноски, во своето излагање нагласи дека во трите квартали од 2022 година продолжува растот на осигурувањата во двете групи, неживот и живот.

„Вкупната актива на шеснаесетте друштва за осигурување на 30.9.2022 година за првпат во историјата го надмина прагот од 500 милиони евра. Повеќе од 2/3 од вкупната актива се високо ликвидни финансиски инструменти, од кои над 200 милиони евра се вложувањата во државни хартии од вредност“, вели Шајноски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кои пратеници на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласат за уставните измени предвидени со договорот со Грција

Редакција

Бојко Борисов: Македонците да запрат со историските игри доколку сакаат во ЕУ

Редакција

Кривична за злоупотреба на службена положба за поранешен градоначалник

Редакција