Денеска во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), а во организација на Кинотеката, со поддршка на Вардар филм, беа одбележани 25 години од премиерата на „Пред дождот“, на Милчо Манчевски, најуспешниот и најзначајниот игран филм во македонската кинематографија.
Академик Таки Фити, претседател на МАНУ рече дека „Пред дождот“ е едно од најголемите остварувања на македонската филмска уметност, кој му донесе бројни светски признанија на Манчевски, наедно и светска слава.
„Во ликот и делата на овој режисер напластена е огромна креативност, иновативност и визија, атрибути, кои по мое длабоко убедување ги поседуваат само големите творци и сите овие атрибути се агилно инкорпорирани во неговите дела. Тој влегува во редот на комплексни филмски уметници. Сиот негов авториски креативизам го прави со умешнст на ренесансен автор“, рече Фити.
Директорот на Кинотеката, Владимир Ангелов, јавно се заблагодари што неодамна Милчо Манчевски им ги подарил 35-милиметарските копии од своите први четири филмови, меѓу кои и онаа на „Пред дождот“.
„За Кинотеката, како институција која главниот дел од своето постоење го оправдува со улогата на национален филмски архив, ова депонирање е од непроценливо значење. Затоа јавно му се заблагодарувам.
Неговиот првенец се појави во период кога домашната кинематографија се освестуваше од долг период на дезориентираност и креативна безизлезност, во период на редефинирање и барање на сопствениот идентитет и модус операнди. Кога мораше да ги преброи и размести своите трупи, да ги пререди своите приоритети , да се потпре на сопствените сили пред сѐ, а потоа да почне одново да работи и соработува – рамноправно, одговорно и отчетливо – со други кинематографии, компетитивни пазари, продуцентски модели и финансиски извори.
„Пред дождот“ беше и првата копродукција по осамостојувањето. Ја доби и првата голема меѓународна награда по осамостојувањето. Засега, венецискиот „Златен лав“ останува единствен и ненадминат.
Но „Пред дождот“ и другите филмови на Манчевски не заминуваат во историјата. Напротив, на меѓународно ниво, на светските фестивали и филмски катедри, филмовите на Манчевски денес се задолжителна референца, училишна лекција, репер. Копии од филмовите постојано се бараат, кружат и разменуваат,“ рече Ангелов.
Вечерва со почеток во 20 часот во киносалата на Кинотеката ќе биде прикажан „Пред дождот“, на 35-милиметарска копија, како и промоција на МАПА со репродукции од плакати на филмот од неговата светска дистрибуција.
На оваа вечерна средба, покрај проекцијата и промоцијата, по четврт век повторно ќе се собере и дел од екипата на филмот. По тој повод во Скопје допатува и актерот Раде Шербеџија, кој го толкуваше главниот лик во филмот (Александар Кирков).
„Пред дождот“ на Манчевски премиерно беше прикажан на 6 септември 1994 година на Филмскиот фестивал во Венеција (La Biennale di Venezia). На 12 септември Манчевски се закити со „Златниот лав“, а потоа нанижа триесетина награди на светската фестивалска мапа.
Филмот освои и номинација за Оскар во категоријата најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, станувајќи најнаградуван филм во историјата на македонската кинематографија.
Сценариото е на Манчевски, кинематографер е Мануел Теран, монтажер Николас Гастер, а главните улоги ги толкуваат Раде Шербеџија, Грегоар Колан, Лабина Митевска, Кетрин Картлиџ, Јосиф Јосифовски, Кирил Ристоски…
„Њујорк тајмс“ го вклучи „Пред дождот“ (1994) во листата на 1000 најдобри филмови некогаш направени.