Нови бебиња лемур, мајмунче патас и гуски во изминативе десетина дена доби скопската Зоолошка градина.
„Прстенопашестите лемури се загрозен вид и во природата се останати само околу 2.200-2.400 лемури.
Нашата зоолошка е една од ретките каде што секоја година се раѓаат по неколку лемурчиња и со тоа работиме на продолжување на видот.
Колку за споредба, минатата година се роди едно лемурче по подолго време во зоолошката во Москва и тоа беше сензација со месеци низ цела Русија.
Очигледно, скопската топла клима, но и грижата за нив, се клучни да имаме најмногу бебиња од овој загрозен вид“, напишаа од Скопје ЗОО на нивниот Фејсбук профил.
Ново бебе има и во фамилијата патаси.
„Мајката во мир и тишина ужива во првите моменти со своето новородено“, напишаа од Скопје ЗОО.
Преслатки се и новороденчињата на гуските.
„Целата фамилија гуски деноноќно ги чува заедно“, напишаа од Скопје ЗОО.
Фото:Фејсбук/Скопје ЗОО