Во организирана акција на грчката полиција во саботата во близина на Лерин биле уапсени две лица за внесување и продажба на дрога на грчка територија од Северна Македонија, откако во Грција влегле нелегално и на полицаец кој се претставил дека е купувач се обиделе да му продадат нешто помалку од три килограми канабис, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштуваат дека се уапсени двајца странски државјани на возраст од 38 и 40 години, кои во рурален дел на Лерин во близина на границата со Северна Македонија се обиделе да продадат два килограми и 885 грама суров канабис.
Во рамките на активностите на полицијата за спречување на шверц на дрога на грчка територија и добиените информации за мрежа која пренесувала и ширела дрога од Северна Македонија во Грција, била организирана полициската акција.
-Беше закажана средба за купопродажба на дрога, каде што се појавија горенаведените странски државјани, кои претходно нелегално влегоа во нашата земја, 38-годишниот со мотор, а 40-годишниот со автомобил и на полицаецот кој се претстави дека е купувач му продадоа два килограми и 885 грама суроц канабис, за 5.800 евра, соопштуваат од грчката полиција.
Биле конфискувани моторот, автомобилот, дрогата и три мобилни телефони, а двајцата уапсени се товарат за внесување и продажба на дрога во Грција, како и за прекршување на законот за странски државјани.
МИА/Фото: МИА/МВР на Грција