еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Осумдесет годишната Павлина е најстарата мајка во Македонија која донирала бубрег на својот син

Под мотото „Биди донор–Биди херој“ денеска се одбележа Европскиот ден на органодарителство.

Целта на овој ден е да се поттикне и да се запознае јавноста со достигнувањата во модерната медицина, кога е во прашање важноста од одлуката за дарување органи.

„Осумдесет годишната баба Павлина, е најстарата мајка во Македонија која донирала бубрег на својот син. На само еден месец од операцијата, на нозе, храбро, на Светскиот ден на органодарители ја испрати пораката до сите кои чекаат втора шанса за живот, чекаат орган. Имам чест што денеска ја запознав баба Павлина“, напиша министерот за здравство Венко Филипче на неговата фејсбук-страница.

Во Македонија во моментов има 13 подготвени двојки (дарител и примач), пациенти кои чекаат трансплантација на бубрег од жив донор.

„Сега целото внимание треба да го насочиме на лицата кои чекаат бубрег. Да поттикнеме хуманост, човечка големина и да размислуваме дека постои втора шанса за живот.

Само годинава се извршени 10 трансплантации од жив донор од бубрег, а минатата година 17 лица добиле бубрег со трансплантација од жив донор“, велат од Министерството за здравство.

Во период од април 2012 година до јуни 2015 година извршени се вкупно 110 трансплантации на бубрег, од кои 95 од жив дарител и 15 трансплантации од починато лице.

Трансплантација на бубрег од починато лице повторно почна во 2014 година. Во истата година се направени 12 трансплантации од починато лице, а во 2015 година се направени 3 трансплантации.

Бројот на трансплантирани органи не е зголемен во однос на истиот период од минатата година.

„Лекарите велат дека предрасудите и стравот кон дарувањето органи постои, но од година на година, најверојатно свесноста на лицата за дарување органи е поголема, ако се земе предвид интересот барем на дел од пациентите, кои доаѓаат на Клиниката за нефрологија“, велат од Министерството.

Јане Јанев (42) е еден од пациентите кои со години чекале на трансплантација на бубрег. Иако имал донор, поради ред здравствени проблеми, предизвикани од дијализата, чекал и повеќе од тринаесет години, бил врзан за апаратите за дијализа. Неговата мајка била соодветен донор на бубрег, а поради други заболувања, морал долго да чека, но сепак сега вели дека го живее својот втор живот.

„Сега сум и татко. Додека бев врзан на апарите за дијализа сите планови за нормален живот се само желба. Мајка ми инсистираше на оваа трансплантација и конечно во 2012 година на Клиниката за нефрологија во Скопје успешно ми беше пресаден бубрег од мајка ми. Таа сега е во одлично здравје, среќна за мене, а јас конечно сум жив.

Од моето искуство, можам само да кажам дека поттикнувам дарување органи. Животот на дијализа е само преживување, животот по трансплантацијата е живот во вистинска смисла на зборот. Сметам дека треба да се промовира донирањето органи по мозочна смрт. Со донирањето орган, дел од лицата што не се повеќе меѓу нас, продолжува во некој друг“, вели Јане Јанев, еден од пациентите на кој успешно му е пресаден орган-бубрег.

Филипче вели дека големи се напорите да направиме нешто повеќе на ова поле, не само од стручен аспект, туку и од човечки.

„Треба да се соочуваме со семејствата на починатите и да бараме нивна согласност. Изразуваме неверојатно воодушевување и респект кон луѓето, кои се решаваат на тој херојски чин и спасуваат нечиј друг живот„, рече Филипче.

Инаку, во регионот, но и во светски рамки, Хрватска е прва според бројот на пресадени бубрези, слезина, а втора во светот, по број на трансплантирани срца.

Како изгледаат трансплантациите од жив дарител во Македонија низ бројки

-2012 година 24 трансплантации од жив дарител

-2013 година 35 трансплантации од жив дарител

-2014 година 39 трансплантации (27 од жив дарители 12 од починато лице)

-2015 година (јануари-јуни) 12 трансплантации (9 од жив дарител и 3 од починато лице)

Фото: Фејсбук-профил на Венко Филипче

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Минатиот месец регистрирани три нови случаи на ХИВ и седум со шуга: Најчести акутни заболувања биле овчи сипаници и ентероколити

Редакција

(Фото) Ужасна и жална глетка од прегладнето куче од Вардариште: Коски и кожа

Редакција

Весна Бејби за Тоше: Мислев едно време дека со годиниве ќе спласне тагата, исто е како оној вторник

Редакција