Вчера на пет места имавме големи шумски пожари кои се појавија, безмалку, во разлика од два часа, информираше градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски.
„Најголем беше пожарот на регионалниот пат Прилеп-Градско, кој мораше да биде затворен за сообраќај за да се избегнат поголеми катастрофи. Во овој момент пожарите се локализирани, некои се изгаснати, но мора да се држат под контрола заради временските неприлики, поточно силниот ветер и сувата трева, што можат да предизвикаат нивно повторно палење.
Со пожарите е зафатена површина од околу 300-400 хектари, во добар дел непрооден терен, што ни создава дополнителни проблеми. Единствениот активен пожар е оној кај селото Рилево, општина Долнени, но и тој е под контрола“, нагласи командирот на ТППЕ-Прилеп, Виктор Стојчески.
Најголемиот пожар се случи вчера во попладневните часови на Плетвар, поточно на потегот кај каменоломот, Топлица и Тројаци. Заради интензитетот на пожарот, вчера имаше прекин на сообраќајот на патниот правец Прилеп – Градско, во траење од околу седум часови.
Во гаснењето на пожарите учествуваа повеќе од 100 лица и 20 противпожарни возила. Во моментов не може да се кажат причините кои доведоа до нивна појава пожари, но во 99 отсто од случаите, причина е човечкиот фактор.
Фото: Општина Прилеп