Во Битола вандалски е уништен симболот на градот кој општината го постави во централниот парк кај градскиот часовник.
Од Општина Битола информираат дека вандалскиот чин е регистриран утрово кога е забележано уништување на симболот со буквите БИТОЛА.
-Ова ново обележје кој за кратко време стана препознатлив симбол за градот, едно од омилените места за посета и фотографирање од граѓаните и посетителите. Искршени се буквите, оштетени се рефлекторите и металната конструкција.
Извршен е увид и ќе се преземат соодветни мерки за санација, посочуваат од секторот за односи со јавност на тамошната локална самоуправа.
Од Општина Битола апелираат да не се уништуваат јавните добра и повторно осудуваат вандализам како што тоа претходно беше со уништување на автобуските стојалишта и терминал на ЈП Паркинзи.
Фото: Општина Битола