еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

(Галерија) Дизајнот на ТиноСки предизвикува насмевки, емоции и го буди детето во нас

Валентин Петрески или со уметничко име ТиноСки сака да создава уметност за луѓето да ги прави среќни. Неговите профили на Инстаграм изобилуваат со шаренило од бои, убави пораки, ситни изработени работи кои во текот на секојдневното лудило, забораваме за некого да ги направиме, да му ги кажеме, да го израдуваме.

Во разговорот за „еМагазин“ открива дека отсекогаш сака се што е креативно, ама пред 4 години случајно, но истовремено и посериозно започнал да работи на поконкретни идеи споделувајќи ги со останатите.

„Се почна од потребата да имам шолја по свој мерак. Таа идеја им се допадна и на познаниците, па започна да се шири кругот на луѓе кои сакаат да пијат кафе во своја уникатна шолја. И еве, денес се уште останувам доследен на моментот за персонализирање, само во повеќе форми“, вели Тиноски.

Во неговиот дизајн има нешто повеќе, а за создавањето на печатот на препознатливоста смета дека стилот се гради, но истовремено смета дека не може тоа наменски да се случи.

„Она што го гледате во дизајните на Тиноски сум целосно јас. Несовршено, едноставно, а истовремено и шарено, прифатливо за сите. Драго ми е што Тиноски наметна стил кој се прифати од публиката и само заеднички се надоградува. Препознатливост се гради кога со сета енергија ќе се дадете себеси. Се останато што се надоврзува е само плус на тоа“, додава тој.

На нашата забелешка дека неговиот дизајн предизвикуваат насмевки, убави емоции, шаренило од пораки, го будат детето вели дека го инспирираат приказните на луѓето, желбата на поединци да подарат и изненадат. Слика на чајници, чаши, престилки, маички, тањири, перници, тетратки…

„Има многу луѓе кои внимаваат на малите нешта кои премногу значат, секоја нивна желба ми е посебна инспирација за заеднички да успееме во целта да го направат денот на некого поубав. Од шолји приказната спонтано се шири… „сликарско платно“ може да биде секој предмет. Најмногу се пронаоѓам во порцеланот, па во иднина сакам да ја реализирам идејата која веќе некоја година стои на „stаnd by““, додава Тиноски.

Дизајнот е препознаен и од голем број на компании како и од амбасадата на САД за прославата на Денот на независноста 4 Јули. Тој го креираше и дизајнот на маичките (Love above all) кои се продаваа на последниот Хуманитарниот пикник на Алкалоид.

„Да бидам искрен, никогаш не мислев дека она што го правам ќе биде препознено од компании и сериозни институции, барем не размислував во таа насока. Пред се, самиот момент што се одлучиле да соработуваме значи дека размислуваат „надвор од кутијата“ и класичниот корпоративен дизајн, тоа особено ме радува.

За амбасадата на САД веќе две години сум дизајнер на нивните покани за најголемиот настан „Денот на независноста – 4 Јули“. Добив покана која не можев да ја одбијам, а вториот ангажман годинава ми е доволен доказ дека задоволството од работата е обострано. Истовремено покажуваат добар пример за поддршка на локалните артисти што е многу важно. Верувам дека ќе продолжат во таа насока и ќе бидат пример за другите институции“, вели тој.

Моментно работи на нешто детско, што ќе биде освежување и сигурен е дека ќе предизвика милион насмевки кај децата.

Но, кога станува збор за работата на Тиноски, она што треба да се акцентира е неговиот работен ангажман во ТВ21 на емисијата „Урбан таг“.

„Сум кажал и пак ќе повторам, телевизијата ми е првата љубов, а ТиноСки мое прво чедо. Човек сум кој отсекогаш бил паралелно во повеќе сфери и обврски. Јас очигледно знам да функционирам само во некој чуден хаос.

Секојдневниот ангажман за пладневната емисија „Урбан Таг“ која се емитува во живо секој ден, често знае да чини многу. И енергија и замор, но кога на крај од денот ќе ги анализирате сите активности, задоволството е поголемо од се.

Уживам да ја користам слободата на медиумската куќа каде што сум, верувам дека се уште има публика за теми во кои не се спомнува политика и сакам да ги менуваме перцепциите за тоа како треба да изгледа една емисија од тој тип. Кај нас нема правила, опуштено и спонтано е моментот кој го наметнавме и драго ми е што гостите ја сфатија нашата „политика“.

Нема веќе „што ќе не прашувате“. Во потрага сме по инспиративни приказни, а истовремено ги следиме и сите актуелности. „Урбан Таг“ освен работна обврска истовремено ми е и терапија од останатите секојдневни активности така што супер ми се надополнува во распоредот. Единствено нешто што се повеќе ми недостига во последно време е време“, вели Тиноски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Во Врање се слушна кога дадоа гол“: Македонските фудбалери главна вест во регионот и во светот

Редакција

Се затвораат и обложувалници, фитнес салите, се забранува одржување семинари, обуки, работилници…

Редакција

Разрешен и суспендиран секретарот на болницата во Охрид кој се вакцинираше против Ковид-19 преку ред

Редакција