еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

(Галерија) Кедев за искачувањето на петте врвови над 8.000 метри: Во животот најмногу учиме од неуспесите, низ тешкотиите растеме

Доктор Сашко Кедев направи презентација за искачувањето на петте врвови на Хималаите кои се високи над 8.000 метри, а за чии успеси, најчесто дознававме преку социјалните мрежи на непалските елитни експедиции, чии што шерпаси, во моментов се едни од најпознатите и најподготвените за искачување на овие исклучително предизвикувачки и толку посакувани врвови.

Кедев во преполната сала на Македонска филхармонија раскажа за неговите искуства при искачување на Монт Еверест (8.848), К2 (8.611), Далагири (8.167), Манаслу (8.163), Броуд пик (8.051), но и истовреме, и за личната потрага по смислата на животот и вистината како прв принцип.

„Сите сме во континуирана потрага по смислата на животот и вистината како прв принцип. Во нашето секојдневие ние сме преопкупирани со вториот принцип, наука, филозозифија, политика, музика, спорт, религија…

Суштината  е вистината која претставува првиот принцип во животот. И сите ние ја бараме. Меѓутоа кога ќе ја најдеме, сфаќаме дека не можеме да го избегнеме страдањето, бидејќи старадањето е вистината и тоа е опишано во скоро сите религии кои ја пренесуваат и се обидуваат да ни ја пренесат вистината,“ рече Кедев.

При искачувањето на еден од седумте највисоки врвови на сите континенти, Карстенс пирамид Индонезија во осаменоста во еден од шаторите имал можност да погледне во себе, да се сфати и да ја пронајде сопствената вистина. И оттука неговиот совет е, никој да не се плаши да биде сам.

Carstenz Pyramid-West Papua, Indonesia

Кога во 2007 година го искачувал врвот Матерхорн, кога стигнал на 3.800 метри, останал 36 часа на отворено, без соодветна опрема во тешко невреме, снежна бура.

„Во невреме и тешкотија, имаме можност за раст. Тој неуспех, за мене можеби е едно од најпозитивните искуства во животот, бидејќи најмногу учиме од  неуспехот. Успехот не не учи на ништо, може да не раскомоти и да влеземе во комфорни зона.

Повеќе од 80 отсто од луѓето, а мислам дека во Македонија тој процент е повисок, живеат во комфорна зона, раскомотени и не превземаат никаков ризик. Понекогаш излегуваат од комфор и влегуваат во непријатна зона на страв која што не ограничува да го дадеме нашиот максимум.

Меѓутоа скокот во непознатото, прифаќањето на ризик и живеењето на некој начин опасно, е единствениот пат за личен раст. Но, тука секој треба да го детектира и да си го ограничи своето ниво на ризично живеење. Секој има индивидуално ниво на прифатлив ризик.

И во секоја непријатна ситуација, која навидум изгледа неповолна има скриено добро. Никогаш не е ништо само лошо. И затоа дали дали ќе бидеме под стрес или благосостојба, зависи од самите нас,“ вели Кедев.

Монт Еверест (8.848 мнв)

Искуството со седумте највиски врвови на континентите, го заокружува со искачувањето на Монт Еверест 8.848 мнв. Кон него се тргнува од Катманду, кој е главен град на Непал, кој има околу 28 милиони жители.

Медитациски центри во кои живеат многу мистици, кои ја црпат енергијата на планината

„До базниот камп се поминува низ места кои се т.н медитациски центри, доаѓаат многу луѓе да ја црпат енергијата на планините. Но лично, сметам дека медитацијата треба да биде континуиран процес.

Кога се движиме во секојдневието, ако гo подигнеме нивото на свесност, и тоа ќе биде медитација. За жал, изворот на страдањето, најчесто се должи на фактот дека ние не живееме во сегашниот момент.

Главно сме преокупирани со минатото и несигурноста на иднината. Суштината е во сегашниот момент. И ако успееме да работиме на тоа, на подигање на свесноста, тогаш многу полесно и попријатно ќе одиме во животот,“ вели Кедев.

На одењето кон базниот камп на Еверест, сретнал многу деца, кои како што вели, исти се како нашите.

Среќата на непалските но и на сите деца, насмевки и радост без причина

„Има нешто заедничко кај сите деца, а тоа е среќата, задоволството и радоста без причина. Сите сме ја поминале таа фаза, но сме ја подзаборавиле. По поминување на детската фаза следува фаза на кондиционирање во животот. Кондиционирање од страна на семејството и на општеството.

Системот во кој што живееме не вади од тоа златно време на детство кога секој од нас бил среќен, подрипнувал и бил радосен без посебна причина. И многу е важно во животот секој да работи на тоа да се врати во детството. Бидејќи и Исус кажал дека во моето Царство има место за тие кои што повторно ќе станат деца. Има големо значење во тие зборови,“ додава Кедев.

Во Темпоче, спиритуалниот центар на Кумбу имал средба со локалниот лама, кој што го потенцирал значењето на чиста и искрена мотивација во животот.

„За која било професија, активност една од суштинските работи е да се има чиста мотивација. За жал, скриените мотивации често се случуваат. Тоа се тие т.н скриени потраги по идентитет, да постане некој светски познат во било која професија, планинарење, спорт или било што.

Но, тенденцијата за покачување на идентитетноста во одредена област и пренагласеноста на одредени идолни постигнувања, е значително ограничувачка. Во сегашно време овие активности се поврзани со одредени материјални користи кои се некомптибилни со чистата мотивација на планините,“ вели Кедев.

Базен камп на Монт Еверест кој се наоѓа на глечер, кој континуирано се движи со брзина од еден метар дневно
Пуџа церемонија на која што шерпасите се молат за безбедно проаѓање на ајсфол

„Ајсфол е најризичниот дел од експедицијата, бидејќи се поминува низ нестабилен и несигурен простор кој се менува од момент во момент. Поминуваме доста од овие скалила кои го рефлектираат животот, бидејќи животот е искачување. Секој оди на својот Еверест на дневна основа.

Скалите се на нестабилен терен кој се менува секој момент, тие го рефлектираат и нашето искачување во животот, бидејќи секој на дневна основа го искачува сопствениот Монт Еверест

Моја препорака е секој само да го подигне нивото на свесноста во своето секојдневно искачување. Суштината е дека во животот ние се соочуваме со многу полесни и потешки проблеми. Ниту еден проблем не треба да се сфаќа трагично. На секој проблем треба да му се погледне во очи, бидејќи има решение и во секоја неповолност има сокриено добро,“ вели Кедев.

Лоце фејс, еден од пострмните сегменти кој е на нестабилен терен

При доаѓањето под кампот четири потребен е дополнителен кислород. При овие искачувања има спремни планинари кои одат без кислород, и тоа се смета за поспортско ниво на искачувањето.

„Како лекар сметам дека не е многу безбедно да се оди без кислород, бидејќи свeсно треба да се отакажеме од еден дел од нашиот мозок. Еден дел од нашиот мозок во оваа зона на смртта неповратно се губи ако немаме кислород.

Многу е важно да бидеме свесни за сите ризици кои ги прифаќаме и да работиме на ограничување на последиците на ризиците. На крајот на краиштата секој во животот треба да ја превземе сопствената одговорност.

Многу често се случува да ја префрламе одговорноста, и да бараме вина во други. Меѓутоа, одговорноста е во нас. Кога ќе можеме да ја земеме целокупната одговорност во сопствени раце, тоа е вистинската слобода. Не е никој виновен за тоа низ што поминуваме во животот,“ додаде Кедев.

Кедев на влезот во зоната на смртта. Токму на ова место, пред неколку години загина и еден Македонец од Гевгелија, доктор Петков

На 18 мај 2009 тргнале кон искачување на врвот, но неговиот шерпа Јунг Гу при поминувањето на тој т.н „блу ајс“ дел колабирал.

„Човекот кој што беше одговорен за мојата лична безбебедност, гледав дека умира, но шерпасите се неверојатни од секој аспект. Јунг Гу се подигна и продолживме заедно. Претходно седум пати го имаше качено Еверест.

Едно од најмаркантните чувства што ги имав во оваа фаза беа ѕвездите, колку е поинтензивна темницата толку се посветли ѕвездите

Ѕвездите на Монт Еверест се неверојатни, имате чувство дека ќе ги дофатите. Комплетен мрак, а само тие светат. Како мракот со кој се соочуваме и ние во животот. Темница значи отсуство на светлост, во моментов кога ќе запалиме светлина ја снемува темнината.

Ова чувство ни укажува дека колку е поинтензивна темницата толку се посветли ѕвездите. Тоа значи дека не треба да се плашиме од темницата бидејќи и тука можеме да ја најдеме смислата на животот.

Уживав во секој чекор, иако бев истоштен и премрзнат, бидејќи беше многу ладно. Во животот е важно да развиваме т.н бинокуларен поглед, при што, гледаме како работите доаѓаат и поминуваат. Со едното око гледаме дека доаѓаат нови работи во животот, а со другото око гледаме дека се останува исто.

На Хилари степ движењето е многу споро, еден чекор десет вдишувања и издишувања

Последните години, бидејќи Ееверст е многу популарен на Хилари степ има редици од луѓе и тоа повеќе го зголемува ризикот. Во оваа зона се останува непредвидливо долго време.

Меѓутоа, земјотресот во 2015 година ја трансформираше Хилари степ, која ја нема клучната тежина која го правеше Еверест, неискачлив повеќе години. Ова е доказ не е ништо постојано, и планините полека се трансформираат,“ вели Кедев.

Кедев на покривот на светот, вровот Монт Ееверст 8.848, со лева нога во Тибет, а десна во Непал

Врвот Монт Ееверст бил негово прво искуство над 8.000 метри, чувство на рамнодушност, од аспект на развивање на чувството на сведок на сопственото тело.

„Тогаш за прв пат почувствував дека не сфаќам ништо и дека се наоѓам над моето тело и од страна ја гледав целата ситуација. Во тие моменти, основното чувство беше колку сме мали како поединци, колку сме небитни и тоа е чувството на губење на сопствената важност.

Најголемата ограничувачка карактеристика на секој поединец е чувството на сопствена важност. Ако секој работи на тоа, секој ден да биде свесен дека никој не е најважен, тогаш многу полесно се поминува во животот. Или прашањето „кај сум јас во оваа ситуација?“ Никаде, никој не е важен. Ако успееме да го надминеме тоа чувство, ќе имаме многу поголема среќа и посреќно ќе пловиме низ животот,“ додава Кедев.

Фокусот, главен двигател кон ризикот-смирување на умот и негова контрола

Во периодот по искачувањето на Монт Ееверст кој бил заокружување на искачувањето на седумите највисоки врвови на сите континенти Аконкагва Јужна Америка, Денали Северна Америка, Килиманџаро Африка, Елбрус Европа, Антартик, Карстенз пирамид Индонезија, Кедев се посветил на неговата професија, но ги искачувал и европските Алпи.

При искачувањето на Зинелроторн ноќе, и трауматичното доживување од собирање на телото на млада планинарка пред негови очи, се прашувал што е тоа што го привлекува на тие ризични активности.

„Сфатив дека е фокусот. Бидејќи кога се качувате на стрмен вертикален терен, во моментот кога ја ставате едната рака, барате место за едната нога, па потоа мислите каде ќе се фатите со другата рака па каде ќе ја ставите другата нога. Нема можност вашиот ум да биде оптоварен со глупости. Нашиот ум е постојано оптоварен и многу е важно да се контролира и да се смири, тоа е тоа што го постигнуваме на планините.

Во тој период почнав и со планински велосипедизам, бидејќи многу е важно соочувањето со природата и интензивната физичка активност. Планинскиот велосипедизам ве приморува да имате интензивна активност посебно на стрмни предели и искачувања каде што мора да го дадете својот максимум, но при таа интензивна активност се чисти умот. Тоа е механизмот заради што многу луѓе се приврзаници на одредени спортови,“ додава Кедев.

Повторно раѓање на амбицијата кон големите врвови

Во 2021 година после пандемијата повторно му се родила амбиција за големите планини.

„Поминаа 12 години од Еверест, јас бев 12 години постар, се одржував во кондиција, но не знаев како биолошки ќе се однесувам во зоната на смртта.

Размислував на кој голем врв да одам. Но, се појави Надир од Тетово, ако некој знае хронологија на планинарење и алпинизам во Македонија и пошироко, тоа е Надир. Ми вика, Македонија има неисполнета обврска кон Манаслу.

Ми ги раскажа сите детали од македонската експедиција во 1986 година во која според дневникот на Диме Илиевски тој стигнал под врвот, но поради лошите временски услови, не можел да го искачи и напишал „Врвот ми избега од џебот.“ Така Надир ме стимулираше да одам на Манаслу.

Во тоа време го контактирав Мигма Џи, еден од најпознатите шерпаси. Мигма планираше за прв пат да организира експедиција на вистинскиот врв, бидејќи во тоа време со отвори дилемата, вистински/погрешен врв.

Најголем дел од луѓето што биле на Манаслу не биле на врвот, туку биле на погрешен врв. И тоа ме мотивираше да одам со Мигма Џи. Тоа е т.н планина на духовите, исклучително убава,“ раскажува Кедев.

Манаслу (8.163 мнв)

Експедицијата за Манаслу започнала од 3.800 метри, каде што имало доста шатори и гужва, поради претходните неуспешни искачувања на врвот.

Базен камп на Манаслу
Поминувањето од камп еден до камп два кон Манаслу, е технички најпредизвикувачки
Од камп 4 почнува искачувањето на врвот. На ова место, три часа ја чекале група која правела фотографии, мислејќи дека се на врвот. Но не бил врвот

„Од спортски аспект, ова е едно од моите најголеми лични спортски достигнувања. Во тоа време Нимсдаи Пурџа, познатиот селебрити кој ги качи сите 14 врва повисоки од 8.000 метри за помалку од седум месеци, Манаслу го имаше како фалс самит.

Јас бев првиот после шерпасите кој стигна до ова место и ова беше неверојатно ново доживување на вистинскиот врв.

За прв пат после 45 години, 22 од групата на Мигма Џи шерпа, меѓу кои бев и јас, кој имав среќа и чест да бидам дел од таква експедиција, успевме да се искачиме на вистинскиот врв. Претходно само 15 луѓе се имаа качено. На многу луѓе кои претходно биле на Манаслу, вклучувајќи го и Нимсдаи не им го признаа Манаслу и мораа повторно да го искачат,“ додава Кедев.

Кедев на Манаслу (8.163 мнв)

При спуштањето по вертикала од Манслу, Кедев имал непријатно искуство кога видел дека клинот на кој е практично врзан, почнал да излегува од снегот. Но, за среќа, до него бил еден од шерпасите, кој со нога застанал врз него за да го прицврсти, за Кедев да може безбедно да се спушти.

За локалното население, искачувањето на Манаслу бил голем настан. До тогаш, луѓето во Самагон биле многу непријателски расположени, сметале дека Манаслу е света планина и не поддржувале искачување. Во експедицијата бил и локалниот лама.

Далагири (8.167 мнв)

По искачувањето на Манаслу, наредната експедиција била Далагири, седмиот врв по височина, кој се наоѓа во Непал, кој не е многу посетуван.

Базен камп на Далагири
Фасцинантен предел на привиот камп со поглед кон Анапурна

„По вториот камп се поминува еден дел кој е многу суров, во тој сегемент има многу растурени шатори, многу остатоци од тела, смрзнати коски, раце и нозе. Зрачат со енергија и суровост, но не потсетуваат на нашата смртност.

Мигма инсистираше да се оди на вистинскиот врв, бидејќи има пет-шест врва меѓу кои тешко се прави дистинкција. Ако времето не е добро и ако некој не го знае патот ќе промаши, како и во животот.

Врвни фудбалери промашуваат и пенали. Во животот сите можеме да погодиме и да промашиме, важно е да се фоксуираме да погодиме,“ вели Кедев.

Прекрасен поглед кон Далагири
Сашко Кедев на Далагири (8.167 мнв)

Во кампот на симнување од Далагири, Кедев се запознал со Гркот, Антонио Сикарис кој го имал својот петти обид за искачување на врвот, кој бил единствен клиент од висок профил на експедицијата Seven Summits.

„Многу пријателски и добар човек. Во 90-те години лично бил водач на грчка експедиција на Далагири, и тогаш неколку од неговите најблиски загинале. Во Грција постоеше опсесија со овој врв и таа опсесија ја имаше и Антонио. Во кампот само тој имаше вајфај и имаше најдобар сателитски приемник.

Сашко Кедев и Антонио Сикарис, кој починал од истоштеност при обидот да го искачи Далагири

Еднаш влета во мојот шатор и ми вика, ме контактираше твојата ќерка Александра, биле загрижени немале контакт со тебе. Направивме селфи со него и пративме на ќерките дека се е во ред, дека сме безбедни. Создадовме многу добра релација со Антониос.

Ние се симнавме и отидовме во Покхара, а Сикарис продолжи да го искачува врвот. И тогаш добивме вест, СОС порака, дека Антониос починал.

Тоа беше голем стрес за сите. Кога ќе бидете со некој и го делите базниот камп, ги споделувате сите тешкотии. Кога ќе видите дека починал од комплетна истоштеност, е многу болно и освестувачко чувство, бидејќи не враќа на ризикот и фактот за сопствената смртност. Прашање на време е кога ќе се случи, но кога ќе се случи на ваков начин, е многу тешко,“ вели Кедев.

Во базниот камп на Далагири со хеликоптер слетал пилотот Симоне Мору кој е еден од најпознатите алпинисти во светот од Италија. „Во тоа време, една недела пред овој настан Италија беше елиминирана од Македонија во фудбал, и Симоне рече дека тоа е добро што им се случило, за да ги освести. Многу е лошо кога сме занесени и опиени со успесите. Затоа е многу важно да ја научиме пораката на неуспесите,“ вели Кедев

Канчанчунга (8.400 мнв)

По искачувањето на Далагири, Кедев непланирано се приклучил на групата на Мигма Џи за искачување на врвот Канчанчунга. Доживеал една непријатна ситуација, која што живот можела да го чини, но кога се навраќа на тоа, од тука го црпи најдрагоценото искуство.

„Фасцинантен врв, базниот камп е на 5.500 метри надморска височина. Бидејќи бевме аклиматизирани, за еден ден стигнавме до вториот камп, а следниот ден се упативме кон третиот и четвртиот каде што се приклучи и Нимсдаи, со принцезата од Катар како дел од нивната експедиција.

Еден ден ги чекавме за да стигнат од друга експедиција и за жал го изгубивме најдобриот временски прозорец. Како и да е, на 27 април тргнавме кон искачување на врвот од четвртиот камп. Во тој период имав многу големи стомачни симптоми и ми беше многу тешко, но движењето беше исклучително добро.

За жал, патот не беше фиксиран, и во оваа фаза нашите шерпаси ја промашија патеката кон вистинските врв. Стигнавме на еден од врвовите 8.400 мнв, но погрешен.

Долго време бевме над 8.000 метри, беше исклучително истоштувачки и неочекувано технички тешко, бидејќи го промашивме патот и одевме по потежок пат, изгубивме многу енергија. Ни требаа 17 часа од првиот камп до таму.

Попладнето Мигма донесе одлука за симнување и во еден кулоар, кој по тежина беше сличен на еден од најтешките кулоари на К2, при едно движење при вртење, валвулата од мојата боца од кислород се откачи и за неколку секунди го изгубив кислородот.

Пределот каде што Кедев останал без кислород

Мојот шерпа беше 300 метри подолу, а до мене беше Нимсдаи. Ми вика, мора брзо да одиш. Нимс ја остави принцезата од Катар на шерпа Мигма Т и тргна со мене за да ги симнам тие 300 метри, кои отприлика ги одев 30 минути.

Нимс ме стимулираше да трчаме надолу, но на тој терен не можеш да брзаш, има ризик од паѓање. Без кислород почнав да се дезориентирам, и тоа беше едно од најголемите предизвици во моето искуство.

Таа мотивација на Нимс за што побрзо да се движам мислам дека ми беше пресудна, меѓутоа и си ја преземав сопствената одговорност. Во ниту еден момент, не седнав. Бидејќи моментот на седнување значи смрт. Нема назад. Тоа најверојатно се случи и со Антониос, истоштеност. Проблемот со кислород е ако снема кислород, тогаш е потешко, отколку ако се оди без кислород.

За време на спуштањето кон мојот шерпа Тунде кој што чекаше, во ниту еден момент не барав виновник, туку ја земав сопствената одговорност и се мотивирав. Тоа е причината зошто секогаш во животот треба да ја сносиме одговорноста, никој не ни е виновен за ништо. На овие искачувања секогаш има ризик. Кога читате по медиуми, ја немате вистинската слика. Се гледа од аспект на комерцијализација, но во реалниот живот нема експедиција без неколку смртни случаи.

Тој неуспех на Канченчунга за мене лично е најголемиот успех. И најпријатното чувство кога се навраќам на овие сеќавања.

Кедев со Нимсдаи и Мигма Џи кои се едни од најпознатите шерпаси во светот. Тие беа дел од десетмината непалски шерпаси, кои во зимски услови го искачија К2 и испишаа историја. Но исто така и ја подигнаа свесноста за значењето на шерпасите при водење на странски клиенти во искачувањето на осумилјадарките

Мигма Џи имаше неверојатно тешко време, доби пареза на фацијалис, не можеше да зборува беше комплетно девастиран. Еден од најпознатите шерпаси во моментов во светот, еден од најрелевантните, лично се бореше за неговиот живот. А Нимс ја остави принцезата од Катар која успешно се симна со Мигма Т,“ раскажува Кедев за искуството со најпознатите и најдобрите шерпаси во моментов во светот.

К2 (8.611 мнв)

К2 е кралот, една од најубавите, најризичните и најмистичните планини оценува Кедев.

Неописива природа, со неверојатна енергија-вели Кедев за К2
За овој предел има записи од Александар Македонски

„Трекингот до базниот камп на К2 е најсериозниот трекинг на сите големи планини, бидејќи е авантура и ризик сам по себе. Се поминуваат сериозни реки, и при поминување на една таква река, загинал еден од најпознатите пакистански планинари, водач на експедиција, го однела надојдената вода.

Носачите се многу сиромашни, меѓутоа многу добри и племенити и без нивна помош и поддршка, нашите експедиции се неуспешни-вели Кедев

Трекингот на К2 има фасцинантна природа, а од таму има поглед и кон Броуд пик.

 

„На Пуџа церемонијата, со нас имаше професионална снимателска екипа од  „Норт фејс“ кои снимаа филм. Тие ја снимаа нивната атлета која требаше да го искачува Броуд пик, но имавме заедничка Пуџа церемонија. При таа церемонија македонското знаме беше поставено на централно место, па ќе видиме дали ќе го има во филмот.

Македонското знаме на централно место при церемонијата Пуџа, а за време на која „Норт фејс“ снимаа филм

Чувството на припадност е неверојатно чувство. И тоа е образложение зошто е важно да го сочуваме коренот, бидејќи припадноста на одредена нација е многу важно чувство кое што треба да го негуваме,“ вели Кедев.

Искачување на „блек пирамид“ кон К2

Искачувањето по вертикала кон К2 било многу стрмно и исклучително тешко, а по искуството на Канченчунга, Кедев многу внимавал на неговата боца со кислород.

„Потоа беше искачувањето на т.н „блек пирамид“, и за цело време на ова место при качување има континуирано паѓање на камења. Мојот шерпа Ширинг ме научи на клучната лекција, дека не треба да се криеш од каменот,  туку треба да гледаш  во него додека паѓа, за да знаеш како да го избегнеш.

На ова искачување на „блек пирамид“ се чувствува мирисот на смртта. Паѓањето на карпите и смрзнатите тела наоколу, зрачат со тој мирис,“ додава Кедев.

Место каде што се чувствува мирисот на смртта
Огромна санта мраз надвиснуваше над нас додека се движевме. Среќа што одевме ноќе и не ја гледавме, бидејќи беше застрашувачка

При пристигнувањето на делот наречен „блу лајт“, експедицијата наишла на телото на еден од најпознатите европски алпинисти Јоргансен од Исланд, сплеткано во јажиња и останато од 2021 година.

„Додека одевме, го гледавме телото со дерези, кислород, како и маската на неговите очи. Движев со Ширинг шерпа, светски рекордер во брзинско искачување на К2, еден од најспремните топ шерпаси кој наметнуваше многу брзо темпо. Душа ми извади при што го поминавме и Нимс. На врвот стигнавме во седум часот наутро и имавме неверојатен поглед.

Сашко Кедев на К2 (8.611 мнв)

Најтешките моменти во животот до сега сум ги имал на спуштањето од К2. При спуштање на вертикален мраз, самиот се лизнав и се заплеткав во неколку јажиња. Тоа се случи веднаш до телото на Јоргансен.

Ми беше потребна неверојатна енергија за да се отплеткам од таа мрежа и да го продолжам симнувањето. Можам да замислам низ каква агонија поминувал кога останал заплеткан. Ако останеш заплеткан и немаш снага да се отплеткаш, готово е,“ вели Кедев.

Ова се спомените за луѓето што загинале на К2, а многу луѓе загинале на овој врв. „Доказ за непредвидливоста на животот и нашите непознавања, како и зошто се се случува“-вели Кедев

Броуд пик (8.051)

При искачувањето на врвот Броуд пик, ја применил најважната лекција од Ширинг шерпа, „гледај во каменот додека паѓа кон тебе, за да знаеш како да го избегнеш.“ Но како што вели, потребна е исклучителна мотивација за следење.

„Движевме без јажиња со повремено фиксирачки јажиња, а теренот беше исклучително предизвикувачки, стрмен, и немаше ниту едно право место. За време на искачувањето паѓаа многу камења и карпи, тој што движеше пред мене само викна „рокс“, погледнав нагоре и ми се чинеше дека доаѓа право кон мене. На крај морав да скокнам, и каменот ми помина под нозе како метак, а беше половина метар во пречник.

На денот на искачување на врвот, прогнозата не се исполни врнеше снег. Постоеше голема дилема дали да тргнеме, бидејќи Мигма беше во базниот камп, а со нас беа неговите топ шерпаси. Во тие моменти со толку врнежни на толку свеж и длабок снег, лично сметав дека ќе се откажеме.

Не чувствував никаква грижа дека нема да одиме понатаму. Меѓутоа Мама шерпа и уште еден Лама шерпа го разгазуваа снегот. Тие беа повеќе подготвени од неколку млади кои иако физички спремни, по 10 чекори газење во длабок снег се откажуваа. Мама беше мој личен шерпа, за кој имам неверојатно позитивно искуство.

Газевме на стрмен терен без јажиња, не бевме врзани, фиксните јажиња беа покриени со нов снег, што претставува еден од најголемите ризици.

Експедицијата на Мигма пред неколку години го промашија вистинскиот врв, поради лоши временски услови, но овојпат добро го знаеја патот.

Стигнавме на 8.051 мнв на вистинскиот врв. На Канченчунга, се качив на погрешен врв на 8.400 мнв но тоа не се рачуна. Можеби некогаш во некоја друга прилика, ќе го повторам,“ вели Кедев.

Сашко Кедев на Броуд пик (8.051), кој е понизок од погрешниот врв на Канчанчунга. Но вистински врв е вистински, а погрешен останува погрешен

Откривањето на сопствената вистина

Низ ова искуство на искачувањето на шесте врвови повисоки од 8.000 метри, доаѓајќи до одговорот за сопствената вистина, Кедев спознал дека науката и религијата се испреплетени. Според него, за многу работи науката нема образложение, како на пример за законот за причинско-последична поврзаност.

„Ние сите од сопствено искуство знаеме дека некои работи ни се случуваат кога треба да ни се случат кога си ги заслужуваме. Но науката никогаш не даде образложение за тоа, законот на причина и на ефект.

Од друга страна и религијата е инсуфициентна за многу работи. Но важно е да ја цениме секоја религија, бидејќи во секоја од нив има суштински длабоки пораки кои што се многу слични.

Кришна во Хинду религијата, Буда во Будизам, Исус во Христијанството, Мохамед во Исламот, тие луѓе го дале суштинското значење и на вистината. Ни го покажале и патот кон вистината, но за жал во денешно време многу религии имаат застрането од тој оригинален пат.

За на крај конечно, тишината е најголема спиритуална димензија, треба да научиме да ја слушаме, да го научиме нејзиниот закон, да го слушаме нејзиниот звук, бидејќи тишината е прашањето, тишината е одговорот и тишината е конечната вистина. Се надевам дека никој не ја пропушти тишината помеѓу моите зборови,“ заврши Кедев.

Оние што искачуваат планини, знаат дека борбата никогаш не е со планината туку со самиот себе. Колку поголемо искуство при искачување, толку подобро себеспознавање, бидејќи планината е една огромна животна лекција. Од многуте лекции најважната сознанието колку сме мали. Знаењето стекнато таму, наоѓа многу лесна примена во секојдневието, која го олеснува животот.

Фото: Приватна архива на Сашко Кедев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ивица Тодориќ обвинет за падот на „Агрокор“: Гигантот што се сруши како кула од карти

Редакција

(Видео) Украинците создадоа дрон што фрла Молотови коктели направени од пиво

Редакција

Агенцијата за храна привремено ја затвори мензата во „Пелагонија“

Редакција