еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

(Галерија) Манастир Зрзе: Бисер на падините на планината Даутица, од каде што погледот одзема здив

Првиот впечаток за манастирот „Св. Преображение“-Зрзе, кога му приоѓате од долината исполнета со сончогледови и полиња со тутун, е како некаков бисер да е закопан на релјефна карпа, опкружен со зеленило.

Легендата за овој манастир вели дека потеклото на името Зрзе сe поврзува со зрзорењето на реката Бојаник.

Како што се искачувате од паркингот кон манастирот, така се повеќе воодушевува погледот кон бескрајното поле и силуетата на Трескавец. Врвот на тој поглед се доживува од дворот на манастирот, кој се наоѓа на илјада метри надморска височина.

Восхит предизвикува и старовековен орев, кој што толку е разгранет, што е најголемата крошна, што ретко може да се види. Монасите, се погрижиле секоја педа околу манастирот да е хортикултурно уредена, одгледуваат земјоделски производи, местото поседува рибник…

Според пишувањето во книгата „Македонски цркви и манастири“ се претпоставува дека тука постоело монашко братство уште во 9 век. Се до 1946 година манастирот функционирал како машки, а до 1962 година тука престојувала и руската монахиња Ирина, која е закопана во манастирскиот двор.

Монашкиот живот повторно е возобновен во 1998 година и сега е епископско седиште на отец Климент Хераклејски, кој претходно престојувал во манастирот Григоријат на Света Гора каде што е замонашен.

„Во согласност со податоците од натписот на јужниот влез почетното егзистирање на манастирот се поврзува со периодот од средината на 14 век. Според натписот, манастирот го подигнал монахот Герман за време на владеење на царот Душан.

Нешто подоцна, во втората половина на 14 век, грижата за манастирот ја презеле внуците на монахот Герман, митрополитот Јован и неговиот брат јеромонахот Макариј. Тие се воедно автори на најзначајните дела на иконописната школа на Зрзе иконите Христос спасител и жизнодавец и чудотворната икона Богородица Пелагонитиса, кои денес се чуваат во Музејот на Македонија,“ пишува во книгата „Македонски цркви и манастири“.

Она што е интересно за овој манастир е што иконата на Богородица, наместо на левата, се наоѓа на десната страна од иконостасот. Местата на иконите на Исус Христос и Богородица, се заменети.

Според преданието, игуменот откако ја поставил иконата на Богородица, забележал дека таа го менува канонското место со местото на спротивната страна каде што всушност била поставена иконата на Исус Христос.

Тоа се повторувало три дена и секогаш кога монасите ќе ја врателе на старото, таа повторно заземала ново место. На третиот ден, кога игуменот ја прашал иконата, зошто го менува местото, Богородица му одговорила „не сакам да му вртам грб на мојот син, затоа и го менувам канонското место.“

Ова всушност претставува вистинска реткост во христијанството, бидејќи Исус Христос секогаш е на десна, а Богородица на лева страна од иконостасот.

Во рамки на манастирскиот комплекс покрај црквата Св. Преображение влегува и храмот Св. Петар и Павле (изграден во 17 век), камбанаријата, монашките конаци  и други и помошни згради.

Целиот амбиент е компактибилен нуди духовен мир и спокојство, но и присуство на некаква невидлива енергија.

Секогаш има посетители, но посебно на 19 август кога е и манастирска слава. Вреди да се посети кој било дел од годината, бидејќи сликата од таму, се врежува, а енергијата повикува на повторно враќање.

Фото: emagazin.mk

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Горивата поевтинуваа до еден ипол денар

Редакција

Починатите во пожарот во Тетово се на возраст од 29 до 79 години

Редакција

Кој ја реконструира Универзална сала, која се запали

Редакција