Кога наставниците имаат идеја, родителите ќе ја поддржат, а децата ќе учествуваат во нејзина реализација, тогаш се создава еден успешен проект, на задоволство на сите.
Таков пример е проектот „Новогодишна еко елка“ која ја изработија учениците од 9б, од основното училиште „Христијан Тодоровски Карпош“, од Карпош.
Иницијативата да се изработи овој проект е на класниот раководител на 9б одделение Катерина Зулумовска и претставникот на родителите Васка Карадимче.
„Целта на овој проект е да ја поттикнеме еко свеста кај учениците и да се внесе убава новогодишен атмосфера во нашето училиште.
Новогодишна еко елка беше украсена од учениците од 9б одделение од нивните рачно изработени украси од еко материјали (хартија, шишарки, дрвени крукчиња од природни гранки, дрвени лажици, стаклени теглички, кикирики во лушпа, лушпи од портокал, слама, грав, семки, пченица, бибер, ориз, лешници, ореви, природни тиквички, коноп, природен памук, хартиени саксии, плутени тапи, конопна вреќа, тестенини, диви бобинки, цимет стапчиња, звездовиден анасон и сл.).
Секој украс е уникатен и има новогодишен мотив,“ вели Зулумовска за „еМагазин“.
Во изработката на ваквите проекти, најважна е поддршката од родителите, бидејќи спрегата ученик-училиште-родител е неминовна, за доброто на децата, за постигнување на успеси, за учење на вистинските вредности.
„Поддршка во овој проект ни дадоа родителите и учениците од 9б одделение, а најголема поддршка во секој сегмент од проектот имавме од претставникот на родителите од 9б одделение Васка Карадимче,“ потенцира Зулумовска.
Преку работната атмосфера и креативниот процес во текот на изработката на украсите, учениците развиваат многу вештини, кои ќе им бидат корисни во понатамошниот живот.
Екологијата е важна тема, која веќе е на пиедесталот на области кои треба да се учи низ училиштата, како низ формалното образование, така и преку вакви неформални иницијативи.
А една од целите на овој проект било и токму тоа, децата да научат да се грижат за природата и околината, да ја сакаат и почитувааат.