Цените на нафтените деривати од полноќ се зголемуваат за три и пол денари, одлучи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Новата цена на „еуросупер БС-95“ ќе изнесува 54 ден/лит, „еуросупер БС-98“ ќе се продава по цена од 56 ден/лит, а малопродажната цена на дизелот ќе биде 45,50 ден/лит.
– Минатата недела на светскиот пазар беше регистрирано зголемувањето на референтните цени на сите нафтените деривати, а дел од нив пораснаа приближно и за 50 проценти.
Пазарот реагира на намаленото производство како резултат на одлуката од последниот состанок на ОПЕК на кој се заклучи да се ограничи производството на сурова нафта со што практично се прави обид да се отпочне со урамнотежување на понудата и побарувачката на пазарот со сурова нафта.
Иако пазарот реагира на намаленото производство, се уште цените на нафтените деривати во овој момент се под нивото на цените на нафтените деривати кои ги имавме минатата година, вели првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски.
Со новата одлука се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 8,51 проценти што според РКЕ се должи на зголемувањето на цената на нафтените деривати на светскиот пазар.