На 31 август 2020 година истекуваат голем дел од одлуките на грчката Влада што се однесуваат на туризмот и туристите, како што се ограничувањата за одредени земји, затворените копнени граници, обврската за пополнување на PLF формуларот, а веројатно е дека овие мерки ќе бидат продолжени, нешто што официјално ќе биде соопштено утре на редовната прес конференција на надлежниот заменик-министер за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, јави дописничката на од Атина.
-За продолжување на повеќето од овие мерки, ќе има сопштенија утре, на утрешниот брифинг со Хардаљас. Некои од мерките од локален карактер, кои не е потребно да бидат продолжени, ќе бидат прекинати, рече портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на од Атина, за можност за прекинување или продолжување на конкретните одлуки што се во сила до понеделник.
Во однос на ситуцијата со коронавирусот во Грција, Пецас рече дека и покрај зголемениот број на нови случаи, епидемиолошката слика на земјата е добра, факторот на пренос на вирусот (Рт) за периодот од 20 до 26 август е намален на 0,85, наспроти периодот од 5 до 20 август кога процените биле дека е над еден.
Портпаролот на грчката Влада истакна дека во текот на месецов, во просек биле направени 18.740 тестови дневно, како на влезните точки во земјата, така и во внатрешноста.
-Според дијагностичките тестови, 10–15 отсто од случаите се увезени. Повеќето од нив се раширени низ цела Грција, со поголема концентрација во двата големи урбани центри, рече Пецас.
МИА