Артан Груби денеска ја презеде должноста прв вицепремиер и министер за политички систем.
По примопредавањето, Груби изјави дека денеска имале мала координативна средба со сите негови колеги, предложени и избрани од страна на Собранието за министри во новата Влада пред да тргнат заеднички на традиционалниот состанок со претседателот Стево Пендаровски.
Изрази благодарност на сите граѓани и на сите пратеници за довербата која, како што рече, им ја укажаа вчера со апосолутно мнозинство, ја усвоија и програмата на Владата и Кабинетот кој беше предложен од премиерот Зоран Заев.
Груби посочи дека и на 15 јули годинава граѓаните ја изразиле својата волја за да ја видат државата реформски и евроатлантски ориентирана.
– Наша задача е да ги продлабочиме реформите, да ја имплементираме Програмата која вчера беше усвоена во Собранието и да ги исполниме сите очекувања на граѓаните, изјави Груби.
Одговарајќи на новинарско прашање, Груби изјави дека се едно со Зоран Заев зошто, како што рече, ние веќе сме една Влада, заедничка Влада и заедно сме во тој Кабинет.
– Имавме мала координативна средба со колегите од ДУИ за заеднички да отидеме кај претседателот Стево Пендаровски. Секако, дека премиер е Зоран Заев. Ова е коалициска Влада и како што можете да видите и во коалицискиот договор и во Програмата на Владата, консенсуално и заеднички одлучуваме сите како колективно тело за доброто на сите граѓани и имплементирање на Програмата, појасни Груби.
Груби најави дека апосолутен приоротет е систематизацијата на сите вработени по Рамковен договор и смета дека во следните шест месеци ќе успеат да ги систематизираат сите луѓе кои чекааат да почнат на своите работни места. Додаде дека се работи за околу 1.400 лица.
Прашан за неговите надлежности, Груби рече дека прв потпретседател на Владата означува дека тој ќе го заменува премиерот, во негово отсутство.
– Секако, ќе работиме заедно. Ние сме коалициска Влада и моја задача првенствено е да ги хармонизираме нашите ставови во програмата која заеднички ја имаме сплотено и усвоено и да ја имплементираме. Секако, дијалогот меѓу нашите две политички партии кохезивно во новата Влада ќе треба Заев и јас да го спроведеме во секојдневни дејствија, рече Груби.
На новинарско прашање дека во Законот за Влада не постои функција прв вицепремиер и дали ќе го менуваат Законот, Груби сопшти дека сметаат оти треба да се промени Деловникот за работа на Владата и тоа ќе го разговараат на утрешната седница.
За гласањето на пратеникот Арбен Зибери во Собранието, кој имал симптоми на Ковид-19, Груби рече дека тоа било негова лична одлука. Според Груби, тој дошол само на гласањето, изолирано, според сите протоколи предвидени за такво гласање, бил одвоен и немало никаков ризик за пратениците или министрите присутни на вчерашната седница.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Несудениот новинар: Кој е Артан Груби, „првиот вицепремиер“ и министер за политички систем
МИА/Фото: МИА