еМагазин
Image default
Македонија

Хан од Виенскиот форум: Северна Македонија политички најстабилна во регионот и добра за инвестиции

Политичката стабилност на Северна Македонија е најдобра во регионот, а уште еден доказ за тоа беа успешно спроведените претседателски избори, истакна еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан денеска на отворањето на Виенскиот економски форум.

Во таа насока, Хан ги охрабри компаниите од Република Австрија да инвестираат во нашата земја бидејќи, како што рече, тоа значи поголем профит за земјата и отворање на нови работни места.

Адресирајќи го напредокот на Република Северна Македонија во сите сфери, еврокомесарот Хан го изрази своето очекување земјата да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија и до крајот на оваа година да бидат отворени и првите поглавја.

Премиерот Зоран Заев денеска во Виена имаше свое воведно обраќање на отворањето на Виенскиот економски форум, Виенски економски разговори – нови перспективи за Република Северна Македонија.

Покрај премиерот Заев, воведни обраќања имаа и д-р Томас Арнлоднер, извршен директор на А1 Телеком Австрија Групација и член на одборот на Виенскиот економски форум, како и Јоханес Хан, еврокомесарот за проширување и добрососедска политика.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Заев заблагодарувајќи им се на сите инволвирани што годинешниот Виенскиот економски форум се одржува за разгледување на инвестициските можности исклучиво во Северна Македонија, истакнал дека Австрија е силен сојузник на нашата држава во евроатлантската интеграција.

Премиерот Заев нагласил дека во изминатите 10 години Австрија беше најголем инвеститор во Северна Македонија со 392,2 милиони евра што изнесува 13,2 отсто од вкупните странски директни инвестиции во државата.

Тој потсетил на успешно спроведенитите претседателски избори, како и за Договорот од Преспа, кој е решение на огромен проблем, а кој резултираше со продлабочување на соработката помеѓу Република Северна Македонија и Грција.

Говорејќи за реформите што се во тек, премиерот Заев се осврнал на судските реформи, реформите во безбедносниот систем и јавната администрација, како и борбата против корупцијата, кои остануваат врвен приоритет во работењето на Владата.

„Во периодов од 22 месеци откако актуелната Влада дојде на власт, ние ја вративме демократијата и функционалните демократски институции од она што до неодамна беше заробена држава“, посочил премиерот Заев, додавајќи дека „тие приоритети се идентични со нашата пристапна агенда за ЕУ“.

Република Северна Македонија, како што нагласил Заев, нема друга алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО и повеќе од 75 отсто од населението ги поддржува таквите аспирации.

„Денес сме подготвени и политички и институционално. Ние цврсто веруваме дека заслужуваме одлука заснована на заслуги и веруваме дека и ЕУ ќе испорача“, посочил Заев.

Премиерот додал дека 2019-та година ќе биде година на економијата, како продолжение на економскиот напредок од минатата година.

„Во 2019 година, имаме натамошен раст на индустриско производство од 8,8 отсто во производство, што главно се должи на производството на машини, возила, пијалаци и основни метали. Успеавме да ја намалиме невработеноста под 20 отсто откако сме во Владата. Економскиот раст во 2018 беше 2,7 отсто, по раст од 0,2 отсто во 2017 година. Извозот во првите три месеци од 2019 година се зголеми за 16,8 отсто“, истакнал Заев.

Пред бројните австриски компании и бизнисмени премиерот Заев го изразил своето очекување дека ова лето Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите, бидејќи како што истакна премиерот Заев земјата и покажа на цела Европа како преку дијалог и соработка се решаваат долгогодишни проблеми.

„Нашата земја има поизитивен импакт и на целиот регион. Сега Северна Македонија е единствената земја во регионот којанема отворени прашања со ниту еден сосед. А кога постои договор следат и економските резултати“, нагласил премиерот Заев.

Тој исто така додал дека и натаму Република Северна Македонија ќе биде пример за целиот регион, дека земјата и натаму ќе биде сигурна и стабилна, земја која се грижи и на инвеститорите им нуди соодветни услови за развивање на својот бизнис.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Обвинителството ја отфрли кривичната пријава против градоначалникот на Куманово во однос на корона вирусот

Редакција

Претседателот Пендаровски се ревакцинираше во Чаир

Редакција

Влада: Пристигна предлог од француското претседателство

Редакција