Загадувањето веќе стана топ тема, а грејната сезона уште не е целосно почната. Деновиве Куманово и Скопје се „тркаат“ со други градови низ светот на листата на топ десет најзагадени, што покажува дека и покрај сериозноста на овој проблем ништо не се сменило споредено со претходните години. И годинава не ни бега дишењето на загаден воздух.
Освен што загадувањето во Македонија придонесува за бројни смртни случаеви, кои според проценки на релевантни светски и европски институции се движат и до над 3.000 на годишно ниво, загадувањето сериозно влијае и на македонската економија.
Имено, Светска банка проценува дека поради загадувањето, македонската економија, од прогласувањето на независност до 2017 година, годишно губи 3,2 проценти од Бруто домашниот производ (БДП), што за сиромашна земја како Македонија е голема загуба.
Загадувањето според Светска банка сериозно влијае и на продуктивноста, со која македонската економија веќе има сериозен проблем, ја ограничува социјалната инклузија со недоволен број работни места, а носи социјални, фискални и економски ризици.
Од Светската банка во извештај од 2012 година проценуваат дека доколку загадувањето во Македонија се доближи до дозволеното ниво на тоа во Европската Унија, од кое остапува дупло, ќе се избегнат повеќе од 800 смртни случаи, илјадници денови изгубена продуктивност и околу 151 милион евра заштеди од лекувања годишно.
Но, по се изгледа овие поразителни бројки не се доволна мотивација за властите, работите да ги свртат на подобро.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Добредојдовте во Македонија, земјата во која загадуваат и болниците
(Фото) Палењето на дивите депонии во околината на Скопје го загадува воздухот во градот