еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Ида Мантон за „францускиот предлог“: Подобрете го договорот за да ја спасите Европа од самата себе

Пренесено од www.respublica.edu.mk

Пишува: Ида Мантон

„…и веќе е премногу

Ред е ред!

Полека, соседи!

Не можете само да влезете и да го уништувате она што не е ваше.

Им реков убаво.

Да не ми ги кршат багремовите дрвја,

ветриштата ќе ме однесат без нив…“

– Ѓорѓе Балашевиќ, Не кршете ги моите багреми

Насилството од изминативе неколку дена немаше потреба да се случи, но сепак се случи и сега повторно „мириса“ на тоа дека политичките профитери ќе јаваат на ветриштата на промените. За жал, тие ветришта речиси никогаш не ја носат потребната промена на подобро во нашата „Пасквелија“ и овој пат можеби ќе ги вратат на власт оние кои народот пред само шест години повеќе не сакаше да владеат.

Тажно е што државата има политички систем во кој граѓаните речиси секојдневно чувствуваат дека нивниот глас не се „есапи“. Има нешто што е многу гнило во Пасквелија и тоа треба да се промени пред да ескалира насилството и пред да испливаат на површината грдите духови од блиското минато.

Уличните насилства во изминатите два дена беа делумно поттикнати од ВМРО и од Левица, зачинето со албанските етнички партии, но сето ова беше беше возможно затоа што мнозинството од луѓето сметаше дека „францускиот предлог“ е штетен, а сегашната дипломатија на ЕУ наликува на посетите пред референдумот за Преспанскиот договор по кој ветувањата на ЕУ не беа одржани.

Наместо вршење притисок да прифати лош договор, ЕУ требаше да има структуриран процес и да овозможи вистински преговори меѓу Македонија и Бугарија, и тоа надвор од пристапниот пат кон ЕУ. И за да се спречи насилството, токму ова е тоа што треба да го направи чешкото претседателство – да ги одвои процесите и да ја потсети Бугарија дека има обврска да биде конструктивен политички субјект во Унијата.

За да се спречи ескалацијата на судирите, креаторите на одлуки мора да го слушаат народот, да комуницираат со Брисел дека последниот предлог ќе го прифатат како основа за идни преговори и да бараат неколку работи со цел да се дојде до прифатлив текст и почеток на пристапните преговори без предуслови.

Протестите покажуваат дека едностран договор повеќе не е можна опција, туку е безбедносна закана која лесно може да ескалира и која бара сериозен политички ремонт.

Можеше толку многу да се направи за да се спречи она што се случи, но се чини дека е полесно да се продаваат лаги и да се има надеж дека луѓето нема да реагираат надвор од социјалните мрежи, но беше потценет гневот предизвикан од игнорантноста и од тргувањето со скапоцени нешта (како што се идентитетот, јазикот, историјата и културата) кога се донесуваа одлуки за народот, но без народот.

Не го бранам насилството, далеку од тоа, но знам дека треба да го разбереме неговото потекло за да ги решиме причините за истото и да се излекуваме. Како народ, како земја, како луѓе.

Бугарското вето веќе доведе до пад на две влади, па политичките елити тоа мораа да го сфатат сериозно и спорот да се реши преку професионален дипломатски процес, со инволвирање на најдобрите експерти за решавање конфликти и активисти од граѓанското општество. Наместо тоа, СДСМ постави министер кој нема никаква едукација за меѓународни односи, историја или филологија. Османи, наместо да создаде силен преговарачки тим кој ќе го советува и ќе ги води преговорите и со Бугарија и со ЕУ, реши да се определи за прес-конференциска дипломатија и да управува со сите преговори безмалку сам.

Врвниот приоритет на надворешната политика на државата заслужува поинклузивен и експертски информиран процес.

Уште една многу голема грешка која исто така е резултат на незнаење и неспособност беше тоа што преговорите со Бугарија, по доаѓањето на премиерот Петков на власт, лажно беа претставени како енергични и нови, кога всушност немаше суштински преговори, туку само спорадични средби кои беа далеку од еден процес на решавање проблеми. Ако тие не се преправаа дека преговараат, можеби ионака малиот капацитет за куртоазни средби можеше да се искористи за патоказот, кој секогаш беше во постапка на изработка и никогаш не беше ниту завршен ниту следен.

За да се придвижат од дизајнирање на процесот, им беа потребни експерти за преговори и за олеснување на дијалогот, но не ги ангажираа, бидејќи им недостасуваше визија или знаење за тоа што е потребно.

Потребни беа проценки за утврдување на фактите, специјалистички извештаи кои ќе беа нарачани, составени и анализирани, а потоа и доставени до ЕУ, а особено до францускиот тим кој работи на предлогот. Французите одиграа тактички, надевајќи се дека краткото време ќе го натера Скопје во шекспировата дилема која тие ќе ја поправат со „испраќање пораки и со добар ПР“, и на тој начин ја повторија истата грешка што ЕУ ја направи за Преспа.

Нивниот предлог даден во последен момент се чини дека беше слабо координиран со другите земји-членки на ЕУ, но Макрон ги стави нив во аголот и се надеваше на лесна победа. Ако се прифати сегашниот предлог, многу земји-членки сè уште ќе имаат горчлив вкус во устата, додека рацете им се дипломатски врзани, бидејќи не сакаат да бидат „расипувачи на забави“. Можеби некои земји членки сепак ќе изразат резерва, бидејќи бугарските билатерални барања влегуваат во преговарачката рамка и луѓето во тие барања ги препознаваат сличностите со наративите на Путин за Украина.

Во светлината на ова повторување на претстојното дипломатско роуд шоу, сакам да се осврнам на неколку работи кои се надевам дека ќе бидат корисни за тоа како да се продолжи понатаму.

„Сè е во рацете на македонските политичари“

Во неодамнешното интервју за БГНЕС, чешкиот амбасадор во Бугарија, Лукаш Кауцки изјави дека „сè е во рацете на македонските политичари“. И навистина, многу е во нивните раце и затоа последно нешто што треба да направат, за разлика од она што тој го изјавува во интервјуто, е да го прифатат овој штетен и невешт предлог.

Поради деликатноста на ситуацијата, можеби разбираат дека нивната одлука носи последици за политичката стабилност на нивната земја, за дозволување слични барања да го блокираат идното проширување на Унијата, но уште повеќе за иднината на Унијата, која бара кандидатот да прекрши голем број на меѓународни стандарди и принципи со цел евентуално да ги започне пристапните преговори.

Ако г. Кауцки не го искажал официјалниот чешки став, сега и став на претседателството на ЕУ, неговото мислење дека ова е ЕДИНСТВЕНАТА шанса за Македонија да ги започне пристапните преговори, треба да биде побиено и потоа официјалната чешка позиција би била споделена со јавноста во двете земји.

И ако тој ја претстави новата чешка позиција, треба да се запрашаме зошто земјите-членки на ЕУ кои ги разоткрија бугарските барања како опасни (бидејќи ревизијата на историјата не треба да биде дел од пристапниот процес) би се откажале од својот принципиелен пристап, затоа што нивната загриженост би се зголемувала по читањето на францускиот предлог.

Наместо тоа, се чини дека притисокот се врши на најслабата точка – Скопје. Наместо да се занимаваме со програми за справување со минатото (DwP) и да се даде црвен картон за непристојно однесување за Бугарија, исходот од француските дипломатски напори е предлог кој во голема мера ги инкорпорира бугарските барања и кој бара од македонската страна да прекрши многу обврски, како и повеќе претходни договори за почитување на човековите права и управување со различностите.

Доколку сè е во рацете на македонските политичари, тие треба да го отфрлат францускиот предлог додека не се подготви негова нова верзија во која ќе бидат вградени нивните барања (меѓу тие барања би ги советувала да вклучат и одредба за прифаќање на македонскиот пасош во ЕУ со право на работа и престој во ЕУ, така што Македонците повеќе нема да имаат потреба вештачки да се декларираат како Бугари за да имаат пристап до ЕУ.)

Тоа треба да го направат не само за Македонија, туку и за иднината на Европа. ЕУ не треба да им дозволи на своите членки (кои ги поткопуваат одлуките на ЕСЧП, кои не признаваат малцинства и ги мамат Македонците да кажат дека се Бугари преку давање на ЕУ пасоши) да бараат ефективно бескорисни уставни измени како предуслов за почеток на пристапните преговори.

Исто така не е точно дека сè зависи од македонското „да“ или „не“. Земјите-членки на ЕУ сè уште не гласале за предлогот и можно е некои од нив сепак да изразат свои резерви и да не дозволат да помине верзијата која е поднесена до Советот, како што беше случајот со Чешка и Словачка во 2020 година.

Затоа, колку и да сакаат ЕУ дипломатите да извршат притисок врз Македонците, многу од овие изјави треба да ги земеме со резерва, особено затоа што и претходно сме го доживеале тоа и знаеме дека ЕУ не е хомоген ентитет и дека никој не може ништо да вети во име на цела ЕУ.

По искажаното „НЕ“

Од друга страна, со тоа што ќе каже „Не“ на предлогот или на протоколот, македонската Влада ќе може да ја потсети Европа зошто вели „Не“.

Дека сите земји-членки (освен неколку) пред само неколку недели продолжија да изјавуваат дека неразумните билатерални барања немаат место во преговорите со ЕУ и дека барањата се спротивни на европските вредности; и дека не е праведно една земја да биде уценувана и малтретирана за прекршување/напуштање на принципите на самоидентификација и самоопределување; и наместо уште еднаш да се наведне и да ја отвори вратата за уште поопасни преседани кои не можеме ни да почнеме да ги предвидуваме, трезвениот македонски глас може да каже „ова нема да помине“ и ние ја браниме Европа од сопствениот нелиберален „допелгангер“ и од принципиелната мрзливост.

Преговорите нема да запрат ако се каже „Не“. Балканот и понатаму ќе остане со нерешени прашања и ќе продолжи да биде досаден приоритет за ЕУ. Значи, дали е навистина генерациски изборот да се каже „да“ или „не“ на овој набрзина направен договор?

Или опасните патишта што ги отвора овој договор (и за Европа) се доволни да се каже – да не брзаме и да го анализираме ова повеќе – ако Французите имаат доволно политички капитал за да трошат толку многу време во малтретирање на македонските политичари да го проголтаат овој договор (како и малтретирајќи ги другите земји членки) тие имаат доволно капитал за да го задржат на маса овој предлог уште еден месец или два.

Македонија не треба да страда од плитки француски дипломатски тактики, а Европа заслужува многу посистематски и посериозен пристап кон нешто што е толку важно. Фокусот требаше да биде на едукација на регионот како да се справи со своето минато, како да се помират соседите, наместо да ја поддржуваат Бугарија да диктира како Македонија треба да поучува историја во своите училишта.

Што е најважно, требаше да се обезбедат фокус, енергија и финансии за да се спречи ескалација преку воспоставување на вистинска структура за процес кој ќе биде управуван од експерти и во кој дијалогот би бил олеснуван но истовремено и воден од правото на ЕУ, од обврските и документите на ОН, ОБСЕ и СЕ.

Ако македонската страна се притиска да го потпише овој штетен договор, што всушност добива таа? Преговорите нема вистински да почнат; промените во Уставот може да траат долго време, ако воопшто и се случат; сите политичари во Бугарија јасно се изјаснија дека ќе го искористат овој договор за конечно да го добијат она што го чекале со векови, со тоа што ќе ја стават својата јамка врз Македонија, но сега одобрено од ЕУ; ќе биде воспоставен преседан на вклучување на нелиберални билатерални спорови во процесот на одлучување во ЕУ.

Не постои јасна индикација дека екстремистичката националистичка реторика од Софија ќе се намали, бидејќи таа и онака најмногу се користи за внатрешно-политички цели; нема сигурност каква влада ќе има Бугарија за да го спроведе договорот (малку е веројатно дека би имала добра волја со оглед на актуелните политички сили кои се во игра).

Помирувањето ќе биде многу тешко ако едната страна се чувствува многу навредена и повредена, што сега можеме и да потврдиме дека е така, со оглед на тоа колку луѓе излегоа на протестите.

Македонскиот политички дијалог треба да произведе листа на гаранции и барања од ЕУ

Ова ќе бара време и тоа значи дека ова прашање преминува кон чешкото претседателство. Французите задоцнија многу, но ЕУ може да извлече поуки од овој неуспех и да разбере дека шест месеци не се доволни за да се изготви прифатлив документ и да се придобијат сите земји-членки. Историските недоразбирања може и треба да се решаваат преку структуриран процес, но за негово поставување е потребно време, финансии, експертиза и договор за преговарање наспроти непреговарање.

Затоа, олеснувањето на дијалогот или медијацијата е процес кој има фази и свои карактеристики. Тоа е процес кој, кога се справува со сложени прашања, може да потрае многу подолго од едно претседателство. Дополнително, тие мора да подготват подобри консултативни механизми со цел земјите-членки да бидат подобро информирани и да бидат дел од процесот многу порано, за да се избегне пристапот „или по мое или по ничие“, што е тактика која е некомпатибилна со природата на соработка на Унијата.

Францускиот предлог ги поткопува постоечките механизми за мониторинг и проценка

Воведувањето на нов механизам за мониторинг во кој само земјите-членки на ЕУ (т.е. политичките актери, во прв ред бугарската влада) ќе имаат свој збор во врска со напредокот значи ставање настрана на целиот меѓународен систем на вредности. Зошто да се игнорира сè она што е создавано речиси цел еден век?

За да се спречи ескалација, ЕУ и нејзините членки можат да ги слушнат повиците за помош и да се фатат за работа со цел да го подобрат или ажурираат предлогот и/или протоколот: да обезбедат дека истиот е според меѓународните стандарди и дека неговото толкување и спроведување е следено од независни меѓународни експерти кои не би биле под директно влијание на Бугарија или на нејзините нелиберални сојузници како што е Унгарија.

Работите да се наречат онака како што навистина се – протоколот е дел од францускиот пакет и не треба да се крие или да се смета дека е недостапен за меѓународна евалуација. Ако протоколот е услов за прифаќање на пакет-договорот и членот 12 од „добрососедството“ е испреплетен во рамките на пакет-договорот, тогаш само признајте го тоа јасно и гласно и постапете на ист начин и со протоколот.

Барањето за објективна оценка на новото претседавање со ЕУ која ќе се заснова на меѓународните и европските стандарди ќе го овозможи тој момент на разум што ќе ѝ се спротивстави на суровата пропаганда која доаѓа од двете страни, но особено на лажниот наратив „или ова или смрт“ според кој ова е нашата последна шанса (што никогаш не било и не е вистина, иако постојано се повторува).

Исто така, топката ќе се префрли назад кон ЕУ за тие да дефинираат за што всушност се залага ЕУ и под кои услови очекуваат да продолжи проширувањето – дали според принципите што ги застапуваа пред еден месец или според сегашниот одговор согласно малтретирањето. Сите овие се доволно добри причини целото прашање да се стави на пауза.

Па зошто тогаш притисок? Зошто е брзањето? Дали е така затоа што некои мрзливи западни политичари кои не знаат доволно, а уште помалку им е гајле, но ете сакаат да кажат дека нешто „поправиле“ набрзинка и „ајде да завршиме со досадниве од Балканот“, тогаш можеби ова прашање треба да го ставиме на пауза. Ако тоа е затоа што Макрон сака да извојува лесна победа, тогаш исто така треба да го ставиме ова на пауза.

Ако тоа е затоа што на луѓето им се сервира фразата „сега или никогаш“, тогаш дефинитивно треба да го ставиме на пауза. Ниту е сега, ниту никогаш, ниту пак возот си заминува од станицата.

Дополнително, насилството на улиците ја покажа неопходноста од правење пауза која е потребна за да се направи потемелна проценка и да се изгради доверба во општеството. Македонската Влада треба да им каже на ЕУ, на Французите и на другите „посетители во итни ситуации“ дека нејзината земја е демократска и дека ѝ треба решение кое ќе биде кохезивно, бидејќи внатрешната дезинтеграција води до нестабилност и до неспособност да се спроведе францускиот предлог.

Ова ќе биде достоинствен пристап, онаков каков го очекуваат сите Македонци по понижувањето од Преспа и сега повторно од францускиот предлог. Она што сега треба да се случи е одбрана на суштината на ЕУ од мрзливите дипломати кои сакаат да ја заобиколат целта на Унијата и на кои им недостигаат креативност, визија, долгорочно размислување и вештини за решавање проблеми.

Во „историски моменти“ како што е овој, лидерите на земјите-членки на ЕУ и македонските политичари треба заеднички да застанат и да ги бранат вредностите на Европската Унија од надворешни и внатрешни закани кои ќе ги нагризат нејзините темели и ќе ја направат Унијата уште поранлива отколку што е сега.

*Ида Мантон е обучувач и научник во областа на преговори, медијација и решавање на конфликти. Таа предава меѓународни преговори, дипломатија и современа пракса на разни дипломатски академии, институти, организации и универзитети низ цела Европа (ЕУ, ОБСЕ, НАТО Колеџ за одбрана, ВСЕ во Прага, Колеџ на Европа итн.). Нејзина претходна професионална работа вклучува главно работа во меѓународни организации (Мировен корпус, НАТО, ОБСЕ) во областа на демократизација, малцински права, односи со јавност и добро владеење. Има објавено статии кои се презентирани на меѓународни конференции и била поканувана како судија во преговори во меѓународни рамки. Член е на Програмата за меѓународна обука за преговори – ПОИНТ, поврзана со мрежата на експерти за преговори ПИН (процеси на меѓународни преговори). Исто така е и претставник на „Дипломатски дијалог“ (тинк тенк организација со седиште во Женева) во Академската мрежа на ОБСЕ а од 2018 година е виш советник за глобалните стратегии на ПАЦЕ, со седиште во САД. Мантон дипломирала компаративна книжевност со втора диплома по англиски јазик и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистрирала по дипломатија и меѓународни односи на универзитетите во Лајден и Клингендаел во Холандија. Таа е американски и македонски државјанин, со постојан престој во Чешка.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Професорката Лаброска до Макрон: Македонците имале, имаат и ќе имаат достоинство не затоа што ќе им го даде ЕУ, туку затоа што го носат во гените со милениуми

Германски историчар објаснува зошто францускиот предлог е бескорисен и опасен

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Македонски Телеком“ оствари добивка од 23,2 милиони евра за девет месеци

Редакција

Убава вест: 152 оздравени од Ковид-19

Редакција

„Царсо интернaционал“ го доби тендерот на Министерството за здравство за набавка на лекови за ретки болести вреден 1,6 милиони евра

Редакција