еМагазин
Image default
Македонија

Идниот месец ќе се бираат нови членови на МАНУ

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во 2021 година успешно ја спровела својата обемна и богата научна и уметничка програма, при што биле заокружени 68 национални и меѓународни научноистражувачки и уметнички проекти од разни области, соопшти на редовното Годишно собрание на МАНУ нејзиниот претседател, академик Љупчо Коцарев.

Од многубројните настани што ги организирала МАНУ, тој издвои два поради особеното значење за државата – одбележувањето 30 години независност со конференцијата „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991/1991 – 2021“ и собирот за сто години од раѓањето на Блаже Конески, првиот претседател на МАНУ.

-Во изминатата година и издавачката дејност на МАНУ беше импресивна: 41 издание – 11 периодични и 30 посебни изданија, што содржат вкупно над 13 илјади страници, рече Коцарев.

Минатата година МАНУ имала  вкупни приходи од 217.101.206 денари или 3.539.340 евра, од кои 45 отсто се реализирани од основниот буџет, а 55 отсто од другите два буџета – буџетот од самофинансирачки активности и буџетот од донации.

-Притоа, би сакал да подвлечам дека повеќе од половината (55 проценти) од институционалното финансирање, МАНУ го покрива самостојно, со извршување фундаментални и применти истражувања.

Ова, во споредба со други научни и/или уметнички субјекти, чие самостојно функционирање се остварува најчесто со многу помал процент, укажува на големиот углед на МАНУ во светот на науката и уметноста на глобално ниво, истакна претседателот на Академијата.

Во работниот состав МАНУ има 34 члена, посочи Коцарев, соопштувајќи дека меѓу две годишни собранија починаа академиците Георги Старделов, Момир Поленаковиќ, Богомил Ѓузел и Радован Павловски, кој почина вчера.

Потсети дека наредниот месец ќе се избираат нови членови на МАНУ, подвлекувајќи дека Академијата „има насушна потреба во своите редовни да прими повеќе врвни и со светско реноме научници и уметници“.

Нагласи дека е важно да не се наруши угледот и интегритетот на МАНУ и оттука, рече претседателот на Академијата, „нам не ни се потребни, од повеќе причини, членови кои прво биле дел од извршната власт, а едновремено или подоцна се стекнале со магистерски и/или докторски титули, создавајќи на тој начин сомнеж за вредноста на така стекнатите напредувања во научната сфера“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Осудена е на пропаст секоја држава што ја гради иднината врз нелегални документи: Претседателот на МАНУ, Коцарев за договорите со Грција и Бугарија

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Убава вест: 292 оздравени пациенти од Ковид-19

Редакција

Полицаец, син на поранешниот поглавар на ИВЗ, ранет во Скопје

Редакција

Нови 679 случаи на Ковид-19, оздравени 291, нема починати

Редакција