еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Истражување на Галуп: Од светските лидери, Македонците најпозитивно мислење имаат за Ердоган и Меркел

Истражувањето на агенцијата Галуп, спроведено во 57 земји низ целиот свет, покажува дека германската канцеларка Ангела Меркел е најпозитивно оценет лидер вo светот за 2018 година.

Според анкетата, 45 отсто од испитаниците имаат позитивно мислење за Меркел, а 31 проценти негативно, со што разликата изнесува +14 проценти. Оваа разлика, сепак, е за шест процентни поени помала отколку во истражувањето за 2017 година, кога за Меркел позитивно се изјасниле 49 проценти од испитаниците, а 29 отсто негативно (разлика +20 проценти).

Ланскиот шампион, францускиот претседател Емануел Макрон бележи пад на разликата  од 15 процентни поени – од +21 проценти во 2017 година, на само +6 лани. За Макрон во ова истражување позитивно се изјасниле 38 отсто од анкетираните, а 32 проценти негативно.

Натаму следуваат британската премиерка Тереза Меј со разлика од +3 проценти (35 отсто со позитивно мислење и 32 проценти негативно) и нејзиниот индиски колега Неранда Моди со разлика од +1 отсто (25 отсто со позитивно мислење и 24 проценти негативно).

Овие четворица политичари се и единствените со позтивна разлика во популарноста на глобално ниво.

Следниот на листата, киенскиот претседател Си Џинпинг има разлика во популарноста од -9 проценти (28 отсто со позитивно мислење и 37 проценти негативно), пред саудискиот крал Салман со -11 отсто (24 отсто со позитивно мислење и 35 проценти негативно) и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган со разлика од -12 проценти (28 отсто со позитивно мислење и 40 проценти негативно).

Рускиот претседател Владимир Путин е осми на листата на популарност со разлика од -13 проценти (35 отсто со позитивно мислење и 48 проценти негативно), по него следува израелскиот премиер Бенјамин Натанјаху со -18 отсто (20 отсто со позитивно мислење и 38 проценти негативно), а топ десет листата ја заокружува иранскиот претседател Хасан Рохани со разлика од -20 проценти (18 отсто со позитивно мислење и 38 проценти негативно).

Американскиот претседател Доналд Трамп е дури 11 на листата на популарноста со разлика од -28 отсто, односно со 30 отсто позитивно мислење и 58 проценти негативно.

Во анкетата е поставено прашања и за мислењето за поглаварот на Католичката црква, папата Франциско, кој им разлика во популарноста од +28 отсто. За папата позитивно мислење имаат 51 отсто од анкетираните, а 23 проценти негативно.

Претседателот на Галуп, Канчо Стојчев оценува дека зголемувањето на тензиите ширум светот, придонесува за криза на лидерството.

– Многумина истакнуваат дека јазот меѓу елитите и масите достигнува нетолерантни нивоа и глобалниот поредок по Втората светска војна полека се распаѓа. Недовербата во политиката и во политичките системи е во пораст, а фундаменталното прашање не е како да се најде подобра застапеност на волјата на народот, туку како луѓето можат поефикасно да ги контролираат нивните избрани претставници, смета Стојчев.

Според него, решение може да биде „повеќе директна демократија“, што значи дека вистинското прашање што треба да се постави е како да се постигне тоа по „негативните искуства со францускиот и холандскиот референдум за уставот на ЕУ и предизвикот наречен Брегзит“.

Што мислат Македонците?

Кога станува збор за испитаниците во Македонија, и тука се следи светскиот тренд на опаѓање на рејтингот на светските лидери. Речиси за сите светски лидери, испитаниците од Македонија дале повеќе негативни оцени.

Единствен исклучок се претседателот на Турција, Ердоган кај кого разликата е +30 проценти (55 отсто со позитивно мислење и 25 со негативно) и германската канцеларка Меркел со +24 отсто (55 отсто со позитивно мислење и 31 проценти со негативно).

Граѓаните на Македонија имаат подеднакво позитивно и негативно мислење за британската премиерка Меј со по 34 отсто (разлика нула), а по не следуваат Путин со -7 проценти (41 отсто со позитивно мислење и 48 проценти негативно), Макрон со -12 отсто (30 отсто со позитивно мислење и 42 проценти негативно) и кинескиот претседател Си со -17 проценти (19 отсто со позитивно мислење и 36 проценти негативно).

И во Македонија популарноста на Трамп е приближно колку и на глобално ниво. Така, позитивно мислење за Трамп имаат 32 проценти од анкетираните Македонци, а 58 отсто негативно, односно разликата изнесува -26 проценти.

Испитаниците во Македонија немаат позитивно мислење ниту за папата Франциско, па 28 проценти се изјасниле позитивно, а 37 отсто негативо (разлика од -9 проценти).

Со анкетата, во глобални рамки биле опфатени вкупно 48.745 лица, со што во секоја земја националниот примерок изнесувал околу 1.000 лица.

Анкетата е спроведена во периодот октомври-декември 2018 година. Таа е со маргина на грешка од плус-минус три до пет проценти, со ниво на доверба од 95 отсто.

Во Македонија, биле анкетирани 1.212 испитаници на возраст од над 15 години, во периодот од 22 ноември до 6 декември 2018 година. Маргина на грешка е плус-минус три отсто, со ниво на доверба од 95 проценти.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Галерија) Ирена Ристиќ во интервју за „еМагазин“: Ако си на функција должен си да најдеш решение, а не оправдание

Силвана Жежова

Столтенберг не успеа да го разубеди Мицкоски за договорот со Грција, ќе успеат ли Курц и Меркел

Редакција

Шест градоначалници не ја пријавиле имотната состојба, информираше Антикорупциска

Редакција