Италијанската Влада прогласи шестмесечна вонредна состојба со цел да се справи со зголемувањето на бројот на мигрантите кои пристигнуваат на јужните брегови на земјата.
Државната телевизија објави дека се очекува да биде назначен специјален комесар за овие прашања.
Владата на премиерката Џорџа Мелони одобри и финансирање од пет милиони евра, јавува Радио Слободна Европа.
Владата соопшти дека вонредната состојба е неопходна со цел итно да се спроведат вонредни мерки за намалување на приливот на бегалци кои пристигнуваат на италијанскиот остров Лампедуза.
Сегашната италијанска влада, како и претходните, главно неуспешно се обидува да добие поддршка и поголема солидарност за прифаќање бегалци од другите земји на Европската Унија.
Од почетокот на годинава во Италија пристигнале над 30 илјади мигранти. Тие биле спасени во Средоземното Море од локалните власти или хуманитарни бродови. Се наведува дека тоа е речиси четири пати повеќе во споредба со претходните две години во истиот период, кога пристигнале по околу осум илјади мигранти.
Досега мигрантите најмногу пристигнуваа од брегот на западниот дел на Либија, а во последно време доаѓаат и од Тунис.
МИА/Фото: Unsplash