Од 45-те пациенти кај кои лабораторијата на МАНУ утврди присуство на мутираниот сој од Велика Британија на Ковид-19, 10 пациенти се од Прилеп, соопштуваат од прилепскиот Центар за јавно здравје.
„Преку Инфективното одделение на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ од Прилеп, на 7 февруари се земени брисови од петмина пациенти, на 6 февруари од двајца, а во последната недела од јануари од тројца пациенти.
Од нив, седуммина се наоѓаат на домашно лекување, а тројца се хоспитализирани“, информираат од Центарот.
Надлежните од Центарот за јавно здравје предупредуваат дека наредниов период очекуваат зголемување на бројот на нови случаи на коронавирусот, бидејќи британскиот сој е позаразен во однос на претходниот сој.
„Во таа насока, упатуваме апел до граѓаните максимално да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот: носење заштитни маски, држење дистанца, миење раце, како и мерките на Владата за забрана за групирање на јавен простор“, соопштуваат од прилепскиот Центар за јавно здравје.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Најфреквентен во Охрид и Прилеп: Британскиот сој на Ковид-19 утврден кај 45 лица во Македонија