еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Како Денот на ослободувањето на Скопје стана Денот на Груевски

Лавина реакции во македонската јавност имаше по вчерашната информација дека експремиерот Никола Груевски нема да одговара за примање награда за противзаконско влијание, дело за кое беше обвинет во случајот „Траекторија“.

Груевски куртули од каква била одговорност за овој случај поради тоа што делото е застарено односно изминале шест години од дејствието. Сега, судските трошоци поврзани за оваа постапка против Груевски ќе ги платат граѓаните преку буџетот на државата.

„Траекторија“ е случај кој го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО) врз основ на прислушуваните разговори односно таканаречените бомби по што поднесе обвиненија против Груевски и други функционери обвинети за нелегални активности во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и ги пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на буџетот од најмалку 155 милиони евра.

Индикативно е што одлуката за застарувањето на делото се погоди на 13 ноември – Денот на ослободувањето на Скопје на кој точно пред една година беше потврдено дека експремиерот Груевски побегнал во Унгарија, каде потоа доби и политички азил.

Одговорноста за ова големо државно фијаско треба да се бара во бавното судство, но и во политиката. Имено, наместо брз судски процес за случајот „Траекторија“ тој почна со задоцнување од речиси година дена. Обвинението беше поднесено во јуни, 2017 година, а судскиот процес почна дури во март 2018 година по што рочиштата се одложуваа на секој можен начин.

Од друга страна, никој до денес не понесе одговорност за бегството на Груевски, кој очигледно добро го познава правосудниот систем во земјава и сите негови маани, што не треба да зачудува со оглед на тоа што десет години беше премиер.

Во текот на вчерашниот ден низ Скопје беа поставени државните знамиња за да се одбележи Денот на ослободувањето на градот. Симболично, тие потсетија и на поразот што на системот во два наврати на 13 ноември му го нанесе експремиерот поради што на социјалните мрежи вчерашниот ден беше прогласен за Денот на Груевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Груевски нема да одговара за „Траекторија“ поради застареност на делото, трошоците ќе ги платат граѓаните

„На СДСМ им застарува власта на 12 април“: Твитер реакции оти Груевски нема да одговара за „Траекторија“

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Без зелено светло од Бугарија нема реализација на договореното, порача Османи

Редакција

Кои се 20. најуспешни жени менаџери за 2022 година во избор на агенцијата „Марили“

Редакција

(Видео) Светскиот туристички блогер Роберт Дацешин за Македонија: „Поради овие работи се заљубив во оваа држава“

Редакција