еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Како детето што постојано бара адреналин, Арафат Муареми, стана директор на Управата за финансиска полиција

Помалку од две години Управата за финансиска полиција ја води Арафат Муареми (37). Во овој период оваа државна институција поднесе неколку кривични пријави за мега проектот „Скопје 2014“, кривични против тројца поранешни градоначалници…, а со истиот кадар работата во неа откако Муареми дојде на директорското место е зголемена за 60%.

Во рубриката на еМагазин, „На кафе во Кантина“, Муареми за прв пат зборува за својот приватен живот, кариерата, секојдневните и идните предизвици.

Безгрижно детство

Муареми е роден во гостиварското село Дебреше.

„Јас сум селско дете, кое имаше нормално детство. Прва асоцијација на тоа време ми е слободата која ја нуди селската средина, играњето фудбал по ливадите, безгрижноста и дружбата со другите деца…“, раскажува Муареми.

Растел со помал брат, Елгадаф и поголема сестра, Линдита.

„Како деца бевме многу поврзани, за жал денес, сме на различни страни“.

Брат му, кој е лекар, е моментално во Германија на спецјализација во Нинберг и како што вели Муареми, за сега не планира да се врати дома.

„Веќе доби и германско државјанство. Германија сака кадри како него“.

Елгадаф и Линдита ја избрале медицината, но Муареми како дете сонувал за нешто друго. Проблемот бил што немало кој да го насочи и води, па одлуките кои понатаму ќе ги носи во живото се само негови.

„Мојата фамилија е печалбарска. Татко ми работи во Швајцарија над 25 години, а мајка ми е и таму и овде. Наскоро ќе се пензионира и ќе си дојде дома. Секогаш ни велеше да не го следиме неговиот пат. Сон му беше да станам полицаец. Барем еден член од фамилијата да работи во полиција, знаеше да каже“.

По завршувањето на основното образование во неговото родно место, Муареми запишува средно економско училиште во Гостивар. Секогаш кога оди повисоко во скалата на неговото образование, во земјава се случуваат некои политички настани, кои ги комплицираат работите.

Во 1997 година, кога е средношколец, се случуваат немирите поради поставувањето на знамето на Албанија пред општинските згради во Гостивар и Тетово.

„Бурно време. Татко ми рече дојди кај мене во Швајцарија. Јас пак му одговорив дека што и да се случи ќе останам овде. Во Швајцарија одев преку лето, за време на распустот и искрено не ми се допаѓаше таму. Ладен народ, ладна земја“.

Средното училиште, иако пред да се запише вели дека не бил сигурен дека го избрал вистинскиот смер, го завршил со одличен успех и бил „пример за другите“.

Вели дека бил скромен како тинејџер, иако татко му заработувал доволно пари во Швајцарија. Не сакал да се дели од другите деца.

„И тогаш и сега многу сакам дружба“.

Се плашевме дека бомби ќе ни паднат врз училницата

Имал дилема каде да запише факултет, во Тетово или Приштина.

На крај сепак се одлучил за Универзитетот на Југоисточна Европа, каде се запишал на Правниот факултет.

Во тоа време е воениот конфликт, па татко му повторно го повикал во Швајцарија.

„Синко дојди овде, ми кажа. Ама јас сум тврдоглав, си кажав ако нема да можам да студирам во Тетово, ќе одам во Скопје. Нема дилема, беше многу ризично време. Насекаде пунктови, се плашевме дека бомби ќе ни паднат врз училницата. Не бевме сигурни и што ќе се случи со факултетот, дали ќе продолжи да постои. Учевме со страв, но не се откажувавме“.

На факултет ќе има можност да му предаваат одлични професори од странство и да научи многу нови работи, за да на крај биде еден од првите пет студенти кои се дел од првата генерација на овој Универзитет.

По воениот конфликт се јавил на оглас за полицајци, но како што вели имал среќа што не го примиле, бидејќи немало да го заврши факултетот.

Четвртата година на факултет се усмерува на криминалистика, што подоцна многу ќе му помогне во неговата кариера.

Приватен бизнис

По завршувањето на факултетот повторно е сам, пред дилемата што понатаму, што да работи.

„„Можам пари да ти дадам, памет не„ – ми велеше тогаш татко ми. Јас од секогаш сум бил против бркање врски за вработување. Секогаш сум сметал дека упорноста на крај ќе се исплати“.

На крај се решил да ризикува и да влезе во приватен бизнис, но не во струката.

Поради авантуристичкиот дух кој го поседува дури и лично ќе ја посети Кина, за да види што нема на пазарот во земјава, а кој може да го продава во продавницата која ја отвара со сопругот на неговата сестра.

Извесен период е посветен на бизнисот, дури патува и низ земјата за да најде партнери кои ќе ги продаваат производите кои ги носи од Кина. Но, му станува досадно.

“Немаше адреналин“.

Инспектор во Управата за финансиска полиција

Се решил да врати на струката. Да го положи правосудниот испит, па 1,5 година волонтирал во Основниот суд во Гостивар.

Оглас за инспектор во Управата за финансиска полиција во Скопје е следното нешто што го преокупира, па одлучува да се пријави.

„Ме примија без врски. Еден колега од факултет не се пријави, зошто мислеше дека е се намесетно. Поради вакви размислувања на граѓаните, пред извесно време ми „изгореа“ три работни места, откако ја водам Управата. На огласот на кој баравме пет нови инспектори се пријавија многу мал број кандидати, од кои повеќето не ги исполнуваа условите“.

Бизнисот го остава на зетот, за да нема судир на интереси.

На почетокот, бидејќи доаѓа од Гостивар од колегите во Скопје бил прифатен со резерва.

„Ме гледаа со потценување, ме тргаа на страна. Но јас како што кажав сум многу тврдоглав. Не се откажувам така лесно од било што. Дадов се од себе, воопшто не се штедев, за да видат дека и јас сум добар во тоа што го работам“.

Како инспектор во Управата за финансиска полиција работи во периодот од 2007 до 2015 година.

„И покрај одличните резултати кои ги давав не напредував. Три пати во тој период бев најдобар според статистичките резултати, односно по бројот на поднесени кривични пријави, но ништо не се промени. Ова е опасна служба, а и често заглавуваш на работа. Работиш на случај на пр. во Струмица, се враќаш во Скопје, а потоа треба да се вратам во Гостивар. Мачно беше. Некогаш спиев само по 2-3 часа“.

Истражител во Специјалното јавно обвинителство

Во 2015 година, по барање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), од Управата е префрлен во СЈО, новата институција која доби голема подршка од граѓаните за борбата за правда, каде е дел од тимот како истражител, уште на старт.

Работи во СЈО, но како што предвидува законот, продолжува да добива плата од Управата.

“Нешто сосема непознато и неизвесно. Не се знаеше како СЈО ќе функционира и колкави пречки во работењето навистина ќе има. Да не зборувам за други работи“.

Но, сепак, оваа позиција, имајќи го предвид неговиот карактер, била како идеална за него.

Во СЈО станува дел од тимот кој работи на финансиски криминал, а неговата работа е да обезбеди докази за корупција, перење на пари, местење тендери…

„Секако дека имаше најразлични притисоци. Не следа одредени лица, а беше запален и автомобилот на сопругата. Не дознав кој стои зад тоа, но не сакав да правам драма од тоа и си молчев, зошто такви луѓе не заслужуваат внимание и не треба да им ги „дигаме“ акциите во јавноста“.

Бил свесен во што влегол и дека е загрозена неговата безбедност и на фамилијата, но немал обезбедување.

„Сам се чував“.

За тоа дека долг период институциите ги игнорираа барањата на СЈО, вели дека тоа што си смислил сопствена стратегија и психологија, му помогнало да обезбеди се што треба за да случаевите не „паднат“ на суд.

„Јас барав и тоа што треба и тоа што не треба. Ги „фаќав“ на финта :)“.

Дека конечно го работи тоа што навистина го сака, покажал за брзо време.

На јавноста не и е познато, зошто во преден план кога е во прашање СЈО се секогаш трите обвинителки, шефицата Катица Јанева и обвинителките Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска, но без работата на извршителите нема случај.

Благодарение на неговата работа и на тимот во кој работел, државата успеа да врати 17 милиони евра во Буџетот само од еден случај, „Труст“, кој се однесува на фирмата Транмет на бизнисменот Сеад Кочан, Силекс неметали и Вато.

Работел и на случајот на СЈО, кој се однесува на масовното прислушување, кој се смета и за носечки случај на СЈО, „Таргет- Тврдина“, случајот „Актор“, случајот за злоуопотреба на патните трошоци од страна на поранешната пратеничка Силвана Бонева, „Друмарина“, заслужен е за откривање на скандалозниот тефтер на бегалецот Горан Грујевски, поранешниот прв човек на Петта управа за следење на обвинители и вработени во СЈО…

„Не е лесно човек да однесеш во притвор, затоа често од СЈО баравме некои други мерки. Не е лесна оваа работа од многу причини„, вели Муареми и потенцира:

„Не можеш да скриеш криминал. Секогаш има некаква трага. Криминалот не се исплатува, а правдата порано или подоцна секогаш победува“.

Заев ми предложи да ја водам Управата

Додека работел на бројните случаи во СЈО, видел индиции за криминал, за кој СЈО поради спечифичноста нема овластувања.

Па кога добил покана од премиерот Зоран Заев, да ја води Управата за финансиска полиција, не се двоумел.

„Позицијата ми е понудена како професионален кадар и како резултат на тоа што сум го сработил“.

Не само што многу често, како никогаш до сега, слушаме за нови случаи кои ги отвара Финансиската полиција, Управата сега има и зголемени ингеренции, а во периодот што следи дополнително ќе се зголемува нејзиниот капацитет.

За тоа пак дека се враќа во институцијата во која работел со години вели:

„Тешко ми е да шефувам на луѓе со кои сум работел со години и со кои сум поминал повеќе време, отколку со фамилијата. Но, сум научил како да правам разлика помеѓу професионалното и приватното. Работа си е работа“.

Сам со себе во теретана

Се труди да помине и доволно време со семејството, а единственото време сам со себе го има во теретана, каде оди барем четири пати неделно.

“Не одам со обезбедување во теретана. Вежбам сам без придружба. Тоа е единственото време кога можам целосно да се исклучам од работа“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Спектакуларна прослава на Први Мај во 1960 година во Скопје

Редакција

38-годишен маж од Луково пронајден мртoв во близина на деловен објект во селото

Редакција

Трамп не признава пораз: Јас сум победник

Редакција