еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Каматните стапки зголемени за дополнителни 0,5%, Народната банка продолжува со затегнување на монетарната политика

На 7 февруари 2023 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за домашната и глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика, информираат од Народна банка.

На седницата на Комитетот било одлучено каматната стапка на благајничките записи да се зголеми за 0,5 п.п. до нивото од 5,25%.

-Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари. Во согласност со зголемувањето на основната каматна стапка, ќе се применува и повисока каматна стапка на кредитот преку ноќ.

На седницата беше донесена одлука за зголемување и на каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, исто така за по 0,5 п.п. Овие каматни стапки ќе се применуваат од 15.2.2023 година.

Со овие промени, Народната банка и на почетокот на оваа година продолжува со затегнување на монетарната политика, коешто започна уште од крајот на 2021 година, преку примена на повеќе инструменти, заради одржување на стабилноста на девизниот курс и стабилизирање на инфлацијата на среден рок, велат од таму.

Во однос на другите показатели коишто се битни за монетарната политика, движењата на девизниот пазар се стабилни, а се забележуваат и поповолни трендови во делот на штедењето во домашна валута и на долг рок.

Со оглед на врзаноста на нашата валута со еврото, при одлучувањето за монетарната политика влијаат и промените во монетарната политика на Европската централна банка, којашто на состанокот на 2 февруари донесе одлука за зголемување на основните каматни стапки за 0,5 п.п., велат од таму.

Нивото на девизните резерви, заклучно со крајот на јануари, ги задоволува меѓународните стандарди неопходни за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута, односно тие и понатаму се на соодветно ниво, велат од таму.

-Движењата на домашниот девизен пазар и во текот на јануари беа релативно стабилни, при што Народната банка само повремено беше присутна на девизниот пазар. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во 2022 година е понизок од очекуваниот, што придонесе за подобри остварувања кај девизните резерви.

Најновите остварувања на менувачкиот пазар од почетокот на годината се поволни и засега се во склад со проектираните нето-приливи од приватните трансфери за првиот квартал од 2023 година.

Што се однесува до домашната економска активност, остварувањата во првите три квартали од 2022 година се многу блиску до проектираните (растот е 2,7% при проекции на Народната банка од 2,5%), а расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал се во прилог на очекувањата дека забавувањето на растот ќе продолжи до крајот на годината.

Имено, податоците за овој период покажуваат реален годишен пад на прометот во вкупната трговија, по малиот раст во претходниот квартал, како и натамошни неповолни движења кај индустриското производство и извршените градежни работи.

Од друга страна, растот кај прометот во угостителството и натаму е висок и забрзува на годишно ниво, велат од таму.

Во однос на монетарните движења, во декември 2022 година кредитната активност и натаму расте на годишна основа, но поумерено, особено во сегментот на домаќинствата, во согласност со очекувањата, посочуваат од таму.

-Растот кај депозитите забрза и ги надмина очекувањата, при што кај населението се забележува пораст на склоноста за штедење во денари и на подолг рок.

Општо земено, неизвесното и променливо окружување и нагласените ризици налагаат натамошна претпазливост од носителите на политиките.

Народната банка внимателно ги следи макроекономските податоци и ризиците и е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс, стабилизирање на инфлациските очекувања и за ценовна стабилност на среден рок, велат од таму.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Британија ја надмина Италија по бројот на смртни случаи од коронавирусот

Редакција

(Фото) Братот на диџеј Ицко кој почина од корона вирусот, даруваше крвна плазма во негова чест

Редакција

Продаден блок акции од Комерцијална банка за 33.000 евра

Редакција