Kако дополнителен капацитет за сместување лица во изолација од денес целосно се става на располагање и веќе подготвениот хотел „Ibis Skopje City Center“ каде во текот на денот се очекува да пристигнат 8 лица, информираат од таму.
“Првата група на лица за кои беше одредена изолација во времетраење од 14 дена, согласно препораките на Министерството за здравство, во текот на изминатите два дена ги исполнија капацитетите на „Ibis Style“, првиот хотел кој „Аџибадем Систина“ и „Орка Холдинг“ го отстапија како центар за изолација на лица на кои им беше одредена оваа мерка.
Во хотелот „Ibis Style“ моментално се сместени 64 лица кои ќе останат таму следните 14 дена. На овие лица им се обезбедени сите услови, средства за лична хигиена, организирана е достава на храна и пијалаци, обезбеден им е ТВ и пристап до интернет.
Лицата кои се сместени во хотелите се под 24-часовен надзор на вработени од медицинскиот сектор, безбедносниот сектор и друг помошен персонал, со комплетна безбедносна опрема и стручна обученост, со цел да се одговори на сите нивни потреби.
Нивната здравствена состојба се следи секојдневно од медицински персонал од Институтот за јавно здравје. Во случај на појава на симптоми или влошување на состојбата, лицата, според предвидените безбедносни протоколи, ќе бидат пренесени до локациите кои Министерство за здравство ќе ги определи за згрижување и третман на симптоматските лица.
Со вакво секојдневно темпо на прифаќање лица на кои им е определена изолација од страна на Министерството за здравство, понудените капацитети од страна на „Орка Холдинг“ и Клиничката болница „Аџибадем Систина“, кои на раполагање ставија 214 кревети во хотелите „Ibis Skopje City Center“ и „Ibis Style“ целосно ќе бидат исполнети,“ информираат од таму.