Владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев ќе учествува утре и задутре на Самитот на НАТО во Лондон, на кој се одбележува 70-годишнината од постоењето на Алијансата, информираат од Владата.
Во состав на владината делегација се вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Заев утре, на првиот ден ос Самитот ќе учествува и на панелот „Разговори – Одбрана и превенција за новата ера“, во рамките на конференцијата „НАТО се ангажира: Иновирање на Алијансата“ (“NATO Engages: Innovating the Alliance”).
Покрај премиерот Заев на панелот говорник е и претседателот на Полска, Анджеј Дуда.
Заев и членовите на делегацијата на Владата за време на дводневниот самит на НАТО во Лондон ќе остварат и повеќе билатерални средби.
Претседателот на Владата, Зоран Заев е поканет и на прием кај Кралицата Елизабета во Бакингемската Палата, што се приредува за сите делегации, во чест на состанокот на лидери на НАТО, како и на вечера за шефовите на држави и/или влади што ја приредува премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон.
Фото: Влада