Министерот за здравство, Венко Филипче, го разреши од функцијата економскиот директор на Клиниката за гинекологија, Ваљон Беља, поради „несоодветен настап во јавноста и нарушени меѓучовечки односи“.
Разрешувањето на Беља се случи по меѓусебните јавни обвинувања со медицинската директорка на Клиниката, Викторија Јовановска на Фејсбук.
Застрелан во скопски Чаир
Беља, на јавноста и стана познат минатата година во декември, кога беше застрелан во скопски Чаир.
Беља беше погоден во пределот на десната потколеница, а кон него биле испукани два куршуми.
Во него пукало лице придружувано од уште четири мажи.
Медиумите тогаш објавија дека Беља му се јавил на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу со кого побарал да оствари средба во Топанско поле, кај маркетот „Принц“.
Според телевизијата ТВ21 Беља, му замерил на градоначалникот за тоа што му била стопирана платата која што ја примал од Општината. По ова градоначалникот наводно повикал други луѓе, по што настанала тепачка која завршила со пукање.
Обвинителство поведе истрага за застрелувањето на Ваљон Беља и приведе три лица, а едно беше во бегство.
Нема информација до каде е истрагата.
Кој е Беља?
Беља сега е кадар на ДУИ, а во политика влезе преку невладината организација Реалитети.
Во 2010 година стана лидер на партијата Албански сојуз, која подоцна се спои со ДПА.
Во 2016 година како вработен во општината Чаир беше приведен од полицијата, бидејќи заедно со уште неколку лица дошол во општината и го барал градоначалникот за да расчитат некаков проблем.
Тогашниот градоначалник Изет Меџити не бил во канцеларијата, а Беља оставил куршум во салфетка.
Како што пишуваа тогаш медиумите заканата до Меџети била поради тоа што Беља наводно барал да биде поставен за директор на Пензискиот фонд.
Фото: Фејсбук/Ваљон Беља