Поведена е истрага против 45-годишен командир од тетовската касарна, кој минатиот месец, поттикнал 23-годишна колешка да побара поткуп од 4.000 евра од колега за да стане офицер.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје известува дека донело наредба за спроведување истражна постапка против 45-годишен жител на Тетово, вработен во Министерство за одбрана како командир во тетовска касарна, бидејќи постои основано сомнение дека поттикнувал кривично дело „Примање поткуп“ од член 357 став 1 во врска со член 23 од Кривичниот законик.
– Осомничениот, на 18 и 19 мај во Скопје, со умисла поттикнал една осомничена – професионален војник во Армијата на РСМ, директно да побара и да прими парични средства во износ од 3.000 – 4.000 евра, од еден оштетен за да изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
За таа осомничена, Обвинителството веќе поведе постапка (jorm.gov.mk), а во текот на истрагата обезбеди докази кои даваат основано сомнение за поттикнувачот, известува ЈО.
Таа, сакајќи да му помогне на нејзин колега – кандидат на конкурс за прием на офицери, го контактирала сега осомничениот, а тој и кажал дека ако сака оштетениот да биде избран, тој ќе треба да плати 3.000 евра.
– Се договориле паричните средства оштетениот да и ги предаде на осомничената, а таа да му ги предаде на командирот од Тетово. При примопредавање на средствата, осомничената беше затекната и лишена од слобода, соопштуваат од ЈО.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор и за осомничениот за кого денеска беше отворена истрага.