еМагазин
Image default
Бизнис

Комерцијална банка со намалена добивка

Во периодот од 01.01-30.09.2019 година Комерцијална банка АД Скопје оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.300,6 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.728,9 милиони денари, информира Банката преку Македонската берза.

“Помалку остварениот финансиски резултат во тековниот период се должи на два настани кои имаа клучно влијание на структурата на приходите на Банката во истиот период од минатата година.

Имено, во текот на првиот квартал од 2018 година беа финализирани интензивните активности на Банката за решавање на статусот на должникот ФЕНИ – Кавадарци, такашто беше склучен и реализиран договор за продажба на побарувањата од ФЕНИ, со што во билансите на Банката беше евидентирано ослободување на исправката на вредност и истото имаше соодветен ефект врз остварениот финансиски резултат.

Дополнителен ефект во минатата година имаше и реализираната висока капитална добивка од продажба на преземен имот.

Наспроти ова, во тековниот период доминираат приходите од редовни активности и се забележува стабилизирање на нивото на исправката на вредност на финансиските средства и посебната резерва за вонбилансни изложености.

Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 20,1% помала во однос на минатата година.

Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од помалиот износ на реализирани останати приходи, а пред сè приходи од капитални вложувања и капитална добивка.

Имено, во истиот период минатата година Банката изврши продажба на имот преземен од должникот Брилијант Штип по кој основ реализираше капитална добивка во вкупен износ од 411 милиони денари.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 3.067,6 милиони денари и бележат намалување од 13,3% во однос на истиот период од минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и на 30.09.2019 година истите бележат намалување од 5,3% во однос на истиот период од минатата година главно како резултат на намалени приходи од камата од кредити дадени на нефинансиски друштва, поради намалување на нивната состојба, како и од намалени приходи од камати од секторите држава и финансиски друштва поради намалени каматни стапки на државните и благајничките записи.

Наспрема тоа, приходите од камата од секторот домаќинства бележат минимално зголемување поради зголеменото кредитирање споредено со истиот период минатата година и покрај намалување на активните каматни стапки. Планот за анализираниот период е остварен со 93,4%.

Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2019 година изнесуваат 705,4 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 13,0%. Планот за анализираниот период е остварен со 101,9%.

Нето приходите од курсни разлики на 30.09.2019 година изнесуваат 82,7 милиони денари и бележат намалување од 22,7%. Планот за анализираниот период е остварен со 79,3%.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.09.2019 година изнесуваат 480,8 милиони денари и бележат намалување како резултат на повеќе реализирани приходи од капитални вложувања и капитална добивка од продажба на преземен имот во истиот период од минатата година.

Оперативните расходи за периодот 01.01-30.09.2019 година изнесуваат 1.202,2 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година се минимално намалени за 0,1%% како резултат на намален износ на амортизација.

Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа заклучно со месец септември изнесува 3,9 милиони денари и во најголем дел се однесува на оштетување на имот чија нето вредност е сведена на нула согласно регулативата од НБРМ.

Во извештајниот период Банката оствари исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 560,8 милиони денари.

Во истиот период од минатата година беше склучен и реализиран договор за продажба на побарувањата од ФЕНИ, поради што исправката на вредност изнесуваше 234,8 милиони денари„, велат од Банката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бензините поскапуваат, дизелот со иста цена

Редакција

Во април издадени за 34,7% повеќе одобренија за градба од април лани

Редакција

„Пуцко петрол“ го доби тендерот на Фондот за здравство за набавка на масло за греење вреден 4,7 милиони денари

Редакција