Бројот на лица заразени со Ковид-19 ќе достигне 100 милиони до крајот на јануари, но вакцините имаат потенцијал да ја контролираат пандемијата, изјави шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејесус.
Повеќе од два милиони луѓе починаа од Ковид-19 ширум светот.
Тој смета дека развојот и одобрувањето на безбедни и ефикасни вакцини помалку од една година по појавата на новиот вирус е зачудувачко научно достигнување и извор на надеж.
„Вакцинацијата против Ковид-19 во моментов е во тек во повеќе од 50 земји, но скоро сите се земји со високи или средни приходи. Треба да работиме заедно како едно глобално семејство за да обезбедиме итно и правично испорачување на вакцините,“ додаде тој.
Шефот на СЗО исто така истакна дека вакцините надополнуваат, но не ги заменуваат основните мерки за јавно здравје.
Според последните податоци на СЗО, заклучно со вчера во светот имало 95.612.831 потврден случај на Ковид-19 и 2.066.176 смртни случаи.
МИА