Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) бара минималната плата да изнесува 16.000 денари, а смета дека треба со секое покачување на минималната плата да се усогласуваат и платите на сите вработени.
– Имајќи ги параметрите на просечна плата која изнесува нешто над 25.000 денари, потрошувачката кошница која изнесува 32.653 денари, како и Европската директива за минимална плата, која треба да биде минимум 60% од просечната плата во државата, имајќи ги предвид причините за кои е воведена минималната плата, а тоа е пристоен и достоинствен живот на сите работници и имајќи во предвид дека едно четиричлено семејство со две минимални плати треба да ја достигне потрошувачката кошница и ветувањето на Владата од 2015 и 2016 година, КСС бара да се почитуваат работниците како во секоја демократска земја и минималната плата да изнесува 16.000 денари, наведува КСС во денешното соопштение.
Оттаму посочуваат дека платите на вработените во јавниот сектор стагнираат и се далеку под просечната плата.
– Владата во овој момент со најавеното покачување на платите од 5 проценти веќе должи уште плус 20 проценти во овој момент на вработените во јавниот сектор, затоа што тоа е законска обврска, а ние остануваме и понатаму последни во регионот по лични примања и просечна плата и позади Косово и позади Албанија и Србија и имаме плати рамни на социјални примања, велат од КСС.