еМагазин
Image default
Локално ТОП СТОРИИ

Кучињата кои го нападнаа осумгодишното дете во Пинтија се изолирани и ставени под надзор на ветеринар

Кучињата кои го нападнале осумгодишното дете во скопската населба Пинтија се изолирани и ставени под надзор на официјален ветеринар.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информираат дека кучињата се уредно идентификувани со микрочип. Официјален ветеринар ќе го испитува случајот и ќе врши проценка на околностите под кои се случил инцидентот.

– Лично како човек и како директор на АХВ изразувам најдлабоко жалење за трагедијата во кој згасна млад човечки живот. Од направениот увид утврдено е дека во немилиот настан учествувале две кучиња кои имаат сопственик.

Кучињата се уредно идентификувани со микрочип и тие сега се изолирани и ставени под надзор на официјален ветеринар. Дворот во кој се чуваат кучињата е соодветно заграден и на влезот е поставен предупредувачки знак „Пази куче“, вели директорот на АХВ Николче Бабовски.

Со контролата ќе се испитува и дали сопственикот на кучињата ги испочитувал одредбите од законите за ветеринарно здравство, за идентификација и регистрација на животните и за здравствената заштита и благосостојба, односно дали се испочитувани условите пропишани во актуелната Годишна наредба за здравствена заштита на животните, условите за држење на кучињата од страна на сопственикот, итн..

Согласно Законот, се дава налог кучињата да се стават под официјален надзор за болеста беснило од страна на ветеринар за период од 15 дена, а по завршувањето на опсервацијата се издава сертификат за надзор на беснило со кој се потврдува здравствениот статус на животните во однос на болеста.

Двете кучиња од расата „англиски мастиф“ се регистрирани и во Кинолошкиот сојуз. Едното е увезено од Србија, а другото од Белорусија.

Оттаму за МИА изјавија дека се работи за кучиња од поголем раст, кои учествувале на изложби и кои се добро одгледани и социјализирани.

– Се работи за кучиња од поголем раст, меѓутоа напоменувам дека кучињата учествувале на изложби што значи дека се социјализирани затоа што на изложби за убавина мора кучињата да бидат добро одгледани и социјализирани со други животни и со луѓе, вели претседателот на Кинолошкиот сојуз, Јордан Христовски.

Тој додава дека Кинолошкиот сојуз нема информации дали сопственикот чувал други кучиња.

Христовски изрази сочувство до семејството на детето и апелира до јавноста да се воздржи од паушални изјави.

– Сочувство на фамилијата на детето за немилиот настан. Апелирам до јавноста да се воздржи од паушални коментари и да остават на надлежните институции да изработат детален извештај за причините под кои се случи настанот, вели Христовски.

Од „Анима мунди“ за МИА изјавија дека ќе се произнесат доколку проценат дека има основ за тоа по официјалните ставови на институциите.

Од Обвинителството денеска информираа дека надлежен јавен обвинител излегол на лице место и дека се преземаат мерки за испитување на целиот случај.

– Јавен обвинител изврши увид на лице место. Издадена е наредба за обдукција и се преземаат дејствија за испитување на целиот настан, информираа од Јавното обвинителството.

Согласно одредбите на Законот за заштита и благосостојба на животните, во поглед на држење на опасни кучиња, сопственикот или одговорното лице за опасно куче треба да обезбеди услови за држење на животното соодветно за расата, потребите и карактеристичното однесување, при што вклучително треба кучето да го чува во заграден простор или врзано и при движење кучето да го врзе на поводник и да му стави заштитна маска. Опасните кучиња при движење треба да бидат придружувани од полнолетно лице.

Сопствениците на кучиња треба на влезната врата во дворот на видливо место да постават табла со која недвосмислено се укажува на присуство на куче, без разлика дали кучето или кучињата се опасни или не.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Обвинител изврши увид на местото во Пинтија, каде што осумгодишно дете беше нападнато од куче и почина

Осумгодишно дете почина по напад од домашно куче во скопска Пинтија

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

По Холандија и Канада и Нов Зеланд ќе ја легализира еутаназијата

Редакција

Младиот Марко Давчев од Струмица исчезнат една недела, семејството моли за помош

Редакција

Латас поднесе оставка од местото главен и одговорен уредник на „Сител“, поради притисоци

Редакција