еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

ЛДП: Преговарачката рамка не треба да содржи културни, јазични, историски и идентитетски прашања

Либерално демократската партија (ЛДП) на седница на Централен Одбор во врска со информацијата за содржината на предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, предложена од страна на претседателството на Франција со советот на Европска Унија, на 30 јуни 2022 година, ги усвои неколку заклучоци, информираат од таму.

„ЛДП, поаѓајќи од стратешките и националните интереси за членство на РС Македонија во ЕУ, недвосмислено се залага за целосно полноправно членство на нашата земја во Европската Унија, со сите свои културни, јазични, историски и идентитетски особини, како и сите други 27 земји членки на Унијата.

ЛДП смета дека Владата на РС Македонија треба да ги продолжи разговорите со Европската Унија со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси.

За ЛДП, Преговарачката рамка треба да ги вгради европските принципи и стандарди, како и Копенхагенските критериуми, но не и билатерални прашања, и не културни, јазични, историски и идентитетски прашања.

ЛДП се залага Владата на РС Македонија доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара под никакви услови и тоа претставува наша црвена линија.

ЛДП смета дека преговорите мора да се водат врз основа на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на РС Македонија, на 29 јули 2021 година.

Во однос на Информацијата на Владата на РС Македонија за документите од ЕУ (Општ став на ЕУ, Преговарачка рамка, Заеднички став на ЕУ и Заклучоци на Советот на ЕУ) во заклучоците да се вградат следните предлози на ЛДП:

ЛДП смета дека од преговарачката рамка мора да се изостават сите евентуални билатерални прашања наметнати од Бугарија и секој обид за вметнување такви прашања е неприфатливо и ЛДП нема да поддржи било каков напор од таква природа.

За ЛДП, билатералните записници (протоколи) кои ги потпишуваат РС Македонија и Република Бугарија ќе бидат обврзувачки за двете држави, не смеат да се однесуваат на евроинтегративниот процес и сите прашања мора да се усвојат со апсолутен консензус, билатерален, и домашен.

ЛДП се залага на првата Меѓувладина конференција да се усвои преговарачката рамка, со што ќе почнат пристапните преговори, скрининг процесот, а потоа и отворање на поглавјата.

Бараме од Владата на РС Македонија континуирано да го информира Собранието на РС Македонија за конечната усогласена Преговарачка рамка и другите документи кои што ги усвојува Советот на ЕУ, како и за целиот процес.

ЛДП е промотор на европска Македонија и ќе остане цврсто на таа своја определба, но никогаш по цена на културните, јазичните, историските и идентитетските особености на македонскиот народ.

ЛДП бара обврзување на Владата и сите институции, дека за време на водењето на пристапните преговори со ЕУ , преговарачките тимови безусловно и категорично ќе ги почитуваат јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои нема да се преговара под никакви околности.

ЛДП бара активно учество во преговарачкиот тим за водење на преговорите со ЕУ, но и на билатералната Комисија со Република Бугарија за да ги следи и спроведува горенаведените заклучоци.

ЛДП застапува либерални проевропски политики и го почитува ставот на секој член на партијата во согласност со личните убедувања по однос на различни прашања и својот демократски капацитет го има докажано.

НЕ за било каква билатерализација на нашиот европски пат и тоа нема да го дозволиме, ДА за Европа.

Како поединци и како ЛДП ќе продолжиме да ги промовираме јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ и нема да дозволиме да се оспорат или воопшто да бидат дел од процесот на преговори за членство во Европската Унија“, велат од партијата.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Откриен изворот на загадување во реката Брегалница

Редакција

На продажба имотот на телевизијата „Нова“

Редакција

Каков имот пријавил директорот на “Паркови и зеленило“, Зухејр Реџепи, кој поднесе оставка

Редакција