еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Левица поднесе корегирано предлог референдумско прашање за францускиот предлог

Пратеникот и претседател на „Левица“, Димитар Апасиев денеска на прес-конференција во Собранието соопшти дека на барањето од претседателот на Парламентот, Талат Џафери поднел писмен поднесок за деловничко усогласување на првично поднесената предлог иницијатива за распишување задолжителен дополнителен референдум, во врска со францускиот предлог.

Тој со забелешка дека месец дена по поднесувањето на иницијативата, односно после 35 дена, поточно на 28 октомври, го добил конечно известувањето од спикерот, иако, вели, во редовна процедура тоа би требало да трае пет дена, и оти се повикал на несоодветни деловнички одредби.

-Ме третира како пратеник и ми се обраќа по членовите 135 и 136 како предлагач на закон, што во случајов не е така, затоа што јас сум во својство на физичко лице овластен предлагач како подносител на граѓански иницијативи. Во таков случај релевантни се сосема други членови од Деловникот, а тоа се членовите 191 и 192.

Заборава да го цитира најбитниот член, а тоа е членот 24, којшто нас како граѓани ни дава право да предизвикуваме одлуки кои се донесени од страна на Собранието. Во Законот за други прашања за кои одлучувало Собранието, Џафери вели дека тие други прашања не можат да бидат заклучоци. И тоа како можат да бидат заклучоци затоа што токму под терминот други прашања влегуваат и заклучоците, појаснува Апасиев.

Апасиев додава дека Џафери толкува дека заклучок е став на Собранието, што, како што оценува, е уште една правна грешка од неговите правни консултанци, бидејќи став на Собранието согласно Деловникот се изразува со декларација, а не со заклучок. Како збирен управен акт тој не е надлежен самиот да го донесува ваквиот заклучок, односно согласно законот тој мора да прибави претходно мислење од две матични работни тела. Тоа е Законодавно – правната комисија и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, а тоа тој не го прави, одноно, не е надлежен затоа што заклучокот го носи пленумот, а не спикерот.

-Во иницијативата  што ви ја поделив, се повикувам на еден процесен институт на објективна акумулација односно инсистирам да се задржи првичната формулација на прашањето, но како евентуална втора факултативна алтернатива прашањето, ново, коешто го прецизираме „дали сте за преговори со ЕУ со прифаќање на изгласаните собраниски ставови содржани во заклучоците“. Тоа ќе биде начелно содржината што денес го поднесовме и останува како ќе изреагира претседателот, вели Апасиев.

Запрашан што доколку Џафери ја отфрли иницијативата, лидерот на Левица рече дека ќе го почека одговорот, а потоа посочи дека имаaт на располагање правни и политички механизми.

-Правните механизми е да поведеме управен спор во зависност од тоа дали ќе молчи, а ако молчи ќе поведеме управен спор за молчење на администрација. Ако ни ја отфрли ќе поведеме управен спор за да го оспориме тој акт со којшто ќе ни ја отфрли евентуално.

Исто така, размислуваме за нова кривична пријава. Нашиот правен тим размислува за заштита пред Уставен суд. Во случајов како загрозување на правото на политичко дејствување и претставака до Антидискриминаторска комисија, бидејќи во други случаи иницијативи се пуштени да стигнат до пленум, а во случајов цениме дека тоа е политичка дискриминација.

Имено, тенденциозно не се пушта нашата иницијатива да стигне ниту до пленумот, што е негова уставна обврска, потенцира Апасиев.

Тој истакна дека секогаш им стојат на располагање и политичките механзими за блокада.

– Бидејќи ние сме само двајца, не сме 45, 46, ќе презицираме, односно ќе утврдиме кои закони евентуално би ги блокирале и кога би започнало за што соодветно би известиле. Ние имавме таков случај каде што со Борислав успеавме сами да блокираме околу 17 закони. Не сакаме искрено да дојде до тоа, но ако сме приморани, како опција секогаш е во игра, потенцира Апасиев.

Левица на 7 октомври до Собранието поднесе иницијатива за покренување задолжителен и дополнителен референдум на државно ниво на референдумско прашање „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?”. Партијата собра 750 потписи кои со останатите материјали ги предаде во собраниската архива.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, пак, на 12 октомври соопшти дека барањето за одржување референдум поднесено од Левица не е подготвено во согласност со Собранискиот деловник, а прашањето е несоодветно поставено. Воедно побара во предвидениот рок од 15 дена предлагачот да го усогласи барањето со одредбите од Деловникот на Собранието.

Џафери на 13 септември ја отфрли иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за референдум за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, образложувајќи дека е противуставна и оти меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

МИА/Фото: Левица

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Со владина одлука поништени 20 решенија за распоредување во МВР донесени од Наќе Чулев

Редакција

Славица Кутиров реизбрана за директор на Царинската управа

Редакција

(Фото) И Орце Камчев заврши на црната листа на САД

Редакција