Лутите политички ривали во Бугарија, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) и коалицијата Промените продолжуваат – Демократска Бугарија (ПП-ДБ) договорија влада, која ќе има ротирачки премиери, пренесуваат бугарските медиуми.
Вториот мандат, по неуспехот на ГЕРБ да формира влада, ќе го добие ПП-ДБ, ќе биде национален и ќе се искористи за избор на стабилна влада со рок од 18 месеци, околу која ќе се формира уставно мнозинство.
Академик Николај Денков од ПП-ДБ, ќе биде премиер во првите девет месеци, а во следните девет кандидатката на ГЕРБ за премиер, Марија Габриел.
Во првите девет месеци Габриел ќе биде заменик премиерка и министерка за надворешни работи, а во вторите Денков ќе биде вицепремиер.
На крајот на секои девет месеци премиерот ќе поднесе оставка, двете пратенички групи ќе гласаат и ќе ја поддржат номинацијата на другата пратеничка група за следен премиер, а премиерот во заминување ќе биде именуван за заменик-премиер.
Владата ќе ги спроведе договорените законодавни и административни програми, измените во Уставот ќе бидат подготвени и усвоени во дијалог со сите пратенички групи, вклучително и промени во структурата на Обвинителството и Врховниот суд, пренесуваат тамошните медиуми.
Фото: Унсплеш